Да бидеме реални, надворешната привлечност на жената има огромно влијание врз тоа дали еден маж ќе биде заинтересиран за неа и ќе се бори за нејзиното срце. Но, исто како жените, и мажите се пребирливи кога станува збор за карактерот на онаа што сакаат да ја имаат до себе.
Еве кои типови на жени мажите ги избегнуваат и/или се советувани да ги избегнуваат:
- Материјална девојка. Интересно звучи песната „Material Girl“, но зборовите „материјална девојка“ или уште полошо „спонзоруша“ воопшто не звучат привлечно во машките уши. Претставничките на понежниот пол кои спаѓаат во оваа група се навикнати да живеат во луксуз и сакаат тој луксузен живот да им биде обезбеден од нивниот партнер. Тие сметаат дека е должност на мажот да плаќа при секое излегување и редовно да им купува скапи подароци.
- Мажомразец. Дали поради тоа што биле повредени во минатото или затоа што пречесто гледаат недолично однесување од претставниците на посилниот пол, овие жени се склони да ги навредуваат мажите и да ги нарекуваат со погрдни зборови. Најчеста реченица: „Сите мажи се исти, сите се (лош збор)“.
- Кралица на флертот. Претставничките на овој тип жени умеат да заведуваат, но лошото е што во ниту еден момент од денот не престануваат да флертуваат. Мажите обожаваат кога жените флертуваат со нив, но кога нивната партнерка флертува со некој друг, макар и минимално, тоа дефинитивно остава лош впечаток.
- Кралица на забавата. Повеќето мажи би „паднале“ на слободниот дух на т.н. „парти грл“, но нивниот ентузијазам најверојатно ќе опадне откако ќе дознаат дека целиот живот на овој тип девојки е една голема забава. Мажите претпочитаат партнерки кои знаат кога журката е завршена.
- Г-ца „Незадоволна“. Никогаш не изгледа привлечно кога некој постојано се жали, без разлика дали е маж или жена. Претставничките на овој тип никогаш не се задоволни од она што го имаат и што и да прави нивниот партнер, во нивните очи се чита дека тоа не е доволно добро.
- Заколната романтичарка. Сите жени се романтичарки. Но, има и такви кои се зависни од романика и живеат за да го сретнат шармантниот принц на бел коњ од кого очекуваат да им симнува ѕвезди, да биде совршен кавалер и постојано да им приредува романтични изненадувања. А, животот е далеку од бајка. Жените од овој тип најчесто реагираат бурно или се разочарани кога нивниот партнер ќе заборави да им подари роза за јубилејот „2 месеци врска“ или кога нема да приготви инвентивно изненадување за Св. Валентин, па со тоа го оттурнуваат од себе.
- Татина принцеза. Претставничките на овој тип се растени на дланка. Сè што некогаш им притребало во животот, веднаш го добивале. Доволен е еден повик до „тато“ за да стигнат илјадници денари за шопинг, доволно е едно „Ми треба...“ за да слушнат „Ќе го имаш“. Кога се во врска, тие веднаш дома раскажуваат со кого се и често секој проблем од врската стигнува до ушите на „тато“. Ретки се мажите кои сакаат да се справуваат со заштитнички настроен татко и татина принцеза.
- Г-ца „Секогаш сум во право и знам што е најдобро“. Жените од овој тип живеат според мотото „Јас секогаш знам што е најдобро“. Тие им кажуваат на партнерите со кого да се дружат, како да се облекуваат, како да се однесуваат, а згора на сè, тие никогаш не се виновни во ниту една расправија и за ниту еден проблем во врската.
- Манипулативна плачка. Да, вистина е дека жените плачат повеќе од мажите, но некои жени научиле пречесто да ги користат солзите и тоа за да го добијат она што го сакаат. Кога и да се најдат во ситуација да не можат да добијат нешто, жените од овој тип пуштаат крокодилски солзи. Со помош на солзите тие победуваат во расправии, го одложуваат крајот на врската и сл.
- Љубоморна шпионка. Овие жени се сомневаат во верноста на своите партнери и влегуваат во улогата на шпионки. Им праќаат по 20 пораки дневно и им се јавуваат двојно повеќе за да проверат дали навистина се таму каде што кажале дека ќе бидат. Освен тоа, ја користат и секоја прилика да избуричкаат во мобилните телефони на партнерите или во профилот на Фејсбук. За нив шпионирањето никогаш нема крај.
Некои од овие особини и карактери во одредена доза можат да бидат привлечни. Но, сè што оди во крајности излегува од границите на привлечното.