Мејкап трендовите за сезоната пролет/лето 2011 се исто толку интересни и колоритни како и модните трендови. Ако сте обожавател на разнобојните сенки за очи, впечатливите кармини и ајлајнерите во силни бои, тогаш сигурно ќе ги обожавате трендовите за новата сезона.
Впечатливи мат усни
Усните обоени во силни бои ќе бидат симбол на храброст и убавина во сончевите денови. Изберете портокалов (апсолутен хит), розов или црешово црвен кармин. Претпочитајте го мат изгледот пред сјајот. За да избегнете вашето лице да изгледа пренатрупано, кармините во силни бои комбинирајте ги со минимална шминка на очите и образите.
Совет: Прво обојте ги усните за подобро да се ориентирате кога е доста со шминката на очите.
Заруменети образи
Професионалните мејкап мајстори воопшто не го штедат руменилото оваа сезона. Што и да правите, не заборавајте да ги истакнете образите. Руменилото во боја на кајсија е апсолутен погодок, но и розовото и руменилото во корална боја не се за потценување. Најпосакуваниот изглед се нарекува „кожа бакната од сонцето“, т.е. да изгледате како штотуку да сте биле умерено изложени на сончевите зраци.
Совет: Руменилата во силни бои прво нанесете ги на јаболката на образите, а потоа разнесувајте ги нагоре кон слепоочниците.
Весели и светли очи
Црниот ајлајнер заменете го со ајлајнер во силна светла боја, а темните нијанси на сенките заменете ги со највеселите бои на сенки што можете да ги пронајдете. Дречливите жолти, портокалови, сини и корални сенки за очи се особено „ин“. Ако обожавате да експериментирате, сега се вашите 5 минути.
Совет: Користете мат, а не кремасти сенки за очи. Препорачливо е за усните да употребите кармин во месо боја.
Гламурозни металик очи
Не се обидувајте да го згаснете блесокот на очните капаци. Металик сенките кои традиционално се актуелни во есен и зима го пронајдоа својот пат до топлата сезона. Златните, сребрените и бакарните сенки вклопете ги во вашиот стил и нема да заостанете со модните трендови.
Совет: Погрижете се да имате мат кожа за да не блештите премногу.
Храбар smokey eyes изглед
Сончевата сезона го отфрла smokey eyes изгледот постигнат со црни и сиви нијанси. Црната заменета ја со кафеава, смарагдно зелена, индиго сина или виолетова сенка за луксузен и ретро изглед, кој е толку многу популарен.
Совет: За да бидете максимално во тренд, не користете црно моливче за очи, туку молив во иста боја како и сенките.
Минимална шминка
Природниот изглед ќе остане модерен и во текот на пролетта и летото. Тоа сигурно е вистинско олеснување за жените кои не сакаат лицето да го обојуваат со премногу боја. Ставете си течна пудра, многу малку руменило, еден слој маскара и проѕирен сјај за усни и сте готови за излегување. Едноставно, а практично и романтично.
Совет: Не заборавајте на хидратацијата на кожата. Освен тоа, редовно правете си пилинг за да ги чистите порите и да имате рамномерен тен.
Бронзен тен
Навистина е предизвик да се одржи мат изглед на кожата кога времето е топло, но тоа е токму она што се диктира како тренд. Бронзениот тен е повторно на мода. Но, бронзениот тен не треба да се поистоветува со препечена кожа во солариум. Модерен е нежниот бронзен тен кој ќе направи да изгледате како божица.
Совет: Не користете потемна пудра за да имате бронзен тен. Тоа никогаш не изгледа привлечно! Најбезбедно е да пронајдете квалитетен крем за самопотемнување.
Плус...
Ноктите обојте ги или во месо боја или во дречлива портокалова и нема шанси да погрешите. Најпожелни се дебели веѓи, но убаво обликувани, а не бушави.
Со шминката е многу позабавно и полесно да се експериментира отколку со облеката. Па, не чекајте, пронајдете ги трендовите кои најмногу ви одговараат и „носете“ ги со стил.