Новата Година е на прагот, а прославата тема на сите разговори. Нема жена која не посакува да блесне на новогодишната прослава. Иако облеката е многу важна, уште поважно е вашето тело, лице и расположение.
Искористете го денот пред забавата за да се подготвите за најдолгата и најлудата ноќ.
Добар сон
За да можете да го задржите доброто расположение на новогодишната вечер и да изгледате свежо, потребно е да бидете одморени. Искористете ја ноќта пред Нова Година за да се наспиете и обезбедете си мирен и длабок сон. Заморот тешко се покрива со шминка.
Свежо лице
Изгледот на лицето е многу важен. Направете си мал третман дома. Исчистете го добро лицето и направете си маска за лице. Ако имате мрсна кожа, најдобри маски се маските со глина. За сува кожа – маски со мед или етерични масла.
Маска за мрсна кожа. Измешајте една банана со една супена лажица мед и додајте неколку капки сок од лимон или портокал. Оставете ја да делува 15 минути и потоа измијте ја со млака вода.
Маска за сува кожа. Половина авокадо измешајте го со ¼ чаша мед. Нанесете ја на чиста кожа и отстранете ја по 10 минути.
Маска за нормална кожа. Едноставно ставете млеко на памук и со него поминете по лицето. По 10 минути измијте го лицето со млака вода.
Мазно тело
Не чекајте да дојде попладне за вие да започнете се депилација. Најдобро е да го направите овој болен дел од подготовката или претходниот ден или утрото, за да има време кожата да се смири. Мазното тело ќе ви помогне да си ја зголемите самодовербата и да се чувствувате посекси.
Маникир и педикир
Иако е зима и најверојатно вашите стапала ќе бидат покриени, тоа не е изговор да ги занемарите. Направете си мала масажа на стапалата и педикир. Тоа ќе ви помогне полесно да го поднесете долгото стоење во виски потпетици. Маникирот не треба да го пропуштите. Убавите и средени раце се задолжителен дел од женствениот изглед.
Шминка
Шминката е интересен дел од подготовката. Целта ви е да ги истакнете убавите црти и да ги прикриете недостатоците. Иако за новогодишната ноќ може малку да се експериментира со изгледот, не треба да претерувате со шминката. Ставете малку повеќе сјај врз вашите усни и употребете пудра со мали честички за блесок. За да не исчезне карминот од вашите усни по првите 5 минути, нанесете малку пудра пред да ставите кармин.
Парфемот
Долготрајноста на парфемот е особено важна за најдолгата ноќ во годината. Ако сакате вашиот парфем да трае подолго, напрскајте се на зглобовите на рацете. Пред да ја исчешлате косата, прснете ја четката неколку пати со парфем. За да ја зачувате аромата на парфем врз себе, пред да го нанесете парфемот на вратот, ставете малку од вашиот омилен крем или млеко за тело со слаба миризба. Не е тајна дека парфемот трае подолго ставен врз мрсна површина.
И последно, употребете го најголемиот сојузник на вашата убавина – среќата.
Мали совети
Облечете секси долна облека. Дури и никој да не ја види, таа ќе ви овозможи да се чувствувате секси и со сигурност ќе ви даде повеќе самодоверба.
Не претерувајте со алкохолот. Сигурно нема да останете без алкохол во чашата на новогодишната прослава. Но, не претерувајте. Преголемата консумација на алкохол може да го убие вашето расположение. Многу важно е да не пиете на празен стомак. Иако сакате да внимавате на стомачето поради изгледот, не треба да гладувате, затоа што ризикувате да се испијаните од 2-3 чаши алкохол и да го пропуштите големиот дочек.
Препуштете се на забавата. Комуницирајте со сите, заборавете на намуртеното лице и дозволете да ве понесе празничната еуфорија.