Насмевнете се и подгответе се за забава. Наскоро започнува за многумина омилениот период од зимата – сезоната на празниците. Еуфоријата веќе се чувствува, а подготовките се во полн ек.
Па, тајмингот е совршен за да ви предложиме неколку модни комбинации инспирирани од најактуелните модни трендови и прилагодени на празничната атмосфера.

Станете дел од епидемијата „црна чипка“ што го зафати црвениот тепих и изберете црно фустанче со црна чипка за празничните забави. Бидејќи чипката сама по себе е богат материјал, комбинирајте ја со поедноставни модни додатоци. Ако носите хулахопки, тие треба да бидат или во месо боја или црни без дезен.
Чипката не мора да е црна за да изгледа секси и елегантно. Нема да погрешите ако изберете бела или чипка во месо боја. Доколку пак вашиот избор е црвена чипка, бидете внимателни како ќе ја комбинирате за да не изгледа премногу нападно.

Кадифето е романтичен материјал кој ќе ја потенцира вашата елегантност и женственост, а тоа што е меѓу најмодерните материјали на сезоната го прави уште попопуларен. Кадифето совршено одговара на зимската празнична атмосфера и ја оцртува женската фигура.

Новогодишните забави се оној период во годината кога можете да си дозволите да носите поблескава облека којашто обично би ја избегнувале. Фустани и додатоци со блескави камчиња, пулејки, мониста и светликави материјали... сè е дозволено и модерно.
3 совети од модната библија „Вог“
И уредниците на списанието Вог нудат неколку совети за празничната сезона, кои ќе им бидат најкорисни на оние модни зависнички што сакаат да се истакнат со оригинален изглед кој ќе ги издвои од другите.
- Ако не сакате да го поддржите празничното клише „кратко и секси“, изберете макси сукња (долга и широка) и комбинирајте ја со омиленото џемперче.
- Внесете разнообразие во празничната облека со тоа што ќе ги замените стандардните обувки со отвор кај прстите со чизми до глуждовите. Ваквите чизми дополнително ќе ја истакнат убавината на секој фустан и ќе бидат доказ за вашето непогрешливо чувство за стил.
- Оставете силен впечаток при влегување со палто во силна боја и/или оригинален модел или пак со модерен елек од вештачко крзно.
Предлози од Victoria’s Secret
За инспирација, погледнете и какви комбинации нуди модниот бренд Victoria’s Secret за секси и празничен вечерен изглед.
Најверојатно веќе имате неколку идеи за новогодишни модни комбинации. При финалниот избор на облека за празничните забави покажете креативност и оригиналност и не се плашете да експериментирате, но пред сè останете верни на својот стил.