Се двоумите за изборот на свечена облека за новогодишната ноќ? Ви предлагаме неколку празнични модни трендови со чијашто помош ќе ја дочекате новата година со стил.
Празнично жешко црвено
Верувајте во моќта на црвената боја и обојте го со неа вашиот новогодишен аутфит. Заменете го малото црно фустанче со црвено или изберете модни додатоци во оваа жешка предизвикувачка боја и како со магнет ќе ги привлечете туѓите погледи.
Црвената боја е модерна, делува оптимистички, шири страст и веднаш паѓа в очи. Ако не ја изберете за вашата облека, изберете ја за вашиот кармин и лакот за нокти.
Блесок и сјај
Време е да блеснете! Ставете акцент на металик материјалите или облеката со светулки, пулејки или други декоративни камчиња за да го разбудите празничниот дух.
Дозволете ѝ на блескавата облеката да зборува најгласно за вашиот изглед, а модните додатоци сведете ги на минимум.
Не сакате да ризикувате со премногу блесок? Инкорпорирајте блескави модни додатоци во поедноставна модна комбинација и на безбеден начин ќе го следите најсветликавиот тренд.
Префинет сексапил со чипка
Чипката си ја зацврсти својата позиција меѓу трендовите, на огромно задоволство на нејзините обожавателки. Па, ни празничната сезона нема да помине без сексапилот и заводливоста кои зрачат од оваа текстурирана ткаенина.
Црно чипкасто фустанче е најпопуларниот избор. Но, ако сакате навистина да ги следите последните трендови, изберете чипка во бела, виолетова или беж боја.
Црно-бела инспирација од машкиот стил
Судирот на женственоста и машкиот стил беше инспирација за врвните дизајнери сезонава, па зошто да не биде и за вас за новогодишните празници? Вечно модерната црно-бела комбинација е особено актуелна оваа сезона, а ќе ви даде малку повеќе слобода во комбинирањето.
Ако се одлучите за ваква комбинација, разбијте ја монотонијата и мажественоста на стилот со светликави обувки или модни додатоци во златна или сребрена боја. Адути нека ви бидат карминот и лакот за нокти во црвена или кајсија боја, а потенцирајте ја женственоста преку фризура со големи локни.
Женствени панделки
Големите воочливи панделки се пробија на сцената. Црвените килими во Холивуд беа родното место на овој тренд кој молскавично ги маѓепса и стилистите и дизајнерите. Постепено панделките се најдоа на фустаните, кошулите, блузите, сукњите, на додатоците за коса, па дури и на панталоните.
Запомнете, една до две панделки се доволни за да доловите атрактивен изглед. Сè што е повеќе од тоа не само што не е потребно, туку и не е препорачливо.
Крзнена топлина
Крзното доминира во зимската сезона. Иако е топол материјал, тој оваа година ќе го пронајде своето место на новогодишните забави. Изберете крзнен елек за полежерна комбинација ако славите во домашна атмосфера или на плоштад, или пак, јака од вештачко крзно за да ги затоплите вашите рамена ако присуствувате на посвечена прослава.
Крзнените чизми се другата примамлива алтернатива која сигурно ќе ја изберат многу жени.
Скапоцен гламур
Побарајте инспирација во длабоките богати нијанси на скапоцени камења. Најмоќни нијанси се темновиолетовата и смарагдно зелената. Сепак, никој нема да ви забележи ако се решите да го искористите гламурот на боите на сафирот или рубинот.
Луксузниот одблесок карактеристичен за скапоцените камења најлесно ќе го доловите со сатенска облека.
Блиц совет
Планирате да посетите неколку забави? Тогаш многу е важно што носите над облеката. Изберете впечатливо палто, мантил или бунда од вештачко крзно. Ако треба да се појавите на неколку различни места, може да не успеете да стигнете да се соблечете секаде каде што ќе одите, па силен впечаток треба да остави вашето палто.
За новогодишната ноќ не се плашете да бидете малку ексцентрични со својот стил. Сепак, тоа е најлудата ноќ во годината.