Почетна » Убавина и мода » Тело » 6 домашни пилинзи за совршено мека кожа

6 домашни пилинзи за совршено мека кожа

Сега, кога зимската облека е минато и кога новите трендови и топлото време нè канат малку повеќе да се разголиме, сигурно не сакате да се раслечете без да преземете нешто за подобрување на изгледот на вашата кожа. Покрај тоа, и кожата на лицето бара дополнителна нега за да си го врати својот свеж природен сјај и рамномерен тен.

Убава женаЕксфолијацијата е неопходна за нежна и блескава кожа.

Ексфолијацијата е неопходна за нежна и блескава кожа, затоа што ги отстранува мртвите клетки на кожата и им помага на новите здрави клетки побрзо да стигнат до површината. А најдоброто е што не мора да купувате скапи козметички продукти или пак да посетувате козметички салон за да ја практикувате. Дајте ѝ свежина, блесок и мекост на вашата кожа со помош на следните природни домашни пилинзи.

Тело

Сол и бадемово масло

Солта е можеби најевтината состојка која често се користи како дел од домашните пилинзи за лице и тело. Таа има способност за детоксикација и за релаксирање на мускулите. Единствено треба да внимавате да не ја користите солта ако имате отворени рани или исеченици. Во никој случај не користете пилинг со сол ако претходно сте се депилирале или пак бричеле. За овој пилинг наместо сол може да се користи и шеќер.

Бадемово масло лесно можете да го најдете во сите супермаркети, а добро е да знаете дека помага и за разубавување на косата. Често се користи за масажа на телото, погодно е за сите типови кожа, лесно се апсорбира, ѝ дава влажност и мекост на кожата и се бори против чешањето и иритацијата.

Како да го подготвите? Измешајте 2 шолји сол со 1 шолја бадемово масло и додајте 15 капки етерично масло по ваш вкус. Најдобро е да употребите масло од лаванда. Не користете масло од нане (пеперминт).

Нанесете ја смесата по телото. Започнете го масирањето од долниот дел на нозете па нагоре.

Кафе и етерични масла

Кафето не само што може да ви послужи како пилинг за отстранување на мртвата груба кожа, туку ќе ви помогне и во борбата со целулитот и за зацврстување на кожата. Повеќето скапи креми против целулит содржат кофеин којшто го има во изобилство во кафето.

Како да го приготвите? Измешајте 1 шолја кафе (по можност крупно мелено), 1 супена лажица готварска сол, 1/3 шолја бадемово масло и 1 кафена лажичка цимет. Додека мешате додајте 8 капки масло од грејпфрут, 8 капки масло од нане и исцедете четвртина портокал. Смесата треба да изгледа како густа каша. Ако е премногу сува, додајте уште малку сок од портокал или бадемово масло.

Масирајте ја кожата по телото со смесата, а потоа можете да ставите повеќе смеса на местата засегнати од целулит и да ги завиткате во најлонска фолија. Оставете да делува 15 минути.

Лице

Смокви и маслиново масло

Благодарение на антиоксидансите и витамините кои ги содржат смоквите, а исто така и на нивната способност да ја навлажнуваат кожата, тие се исклучително корисни за подобрување на изгледот на вашата кожа. Малите семки кои се наоѓаат во нив овозможуваат ефикасна ексфолијација.

Од друга страна, маслиновото масло го забрзува обновувањето на клетките, а дури помага и во негата на кожа засегната од сончевите зраци. Затоа, маслиновото масло и смоквите се одлична комбинација.

Како да го приготвите? Во зависност од тоа дали сакате да го употребите пилингот на лицето или на телото, количините кои ви се потребни варираат. Пример: за да направите ексфолијација на лице потребни ви се 4 пасирани смокви и 1 супена лажица маслиново масло. Во смесата пасирани смокви додајте го маслиновото масло и промешајте.

Нежно тријте ја кожата, а потоа оставете ја смесата да делува на лицето 10 минути.

Јагоди и кафеав шеќер

Ако имате мрсна кожа, јагодите се идеален природен избор за вас. Освен што се борат против акни, тие содржат и AHA овошни киселини кои помагаат за отстранување на мртвите клетки на кожата и за свеж изглед. Исто така, јагодите содржат антиоксиданси кои се борат со просецот на стареење и ја обновуваат оштетената кожа.

Гранулите на кафеавиот шеќер се многу ефективни како пилинг.

Како да го приготвите? Пасирајте 4 големи јагоди и кон нив додајте 2 супени лажици кафеав шеќер. Масирајте го лицето со кружни движења.

Усни

Мед и маслиново масло

Заборавете ги испуканите усни и неколку пати неделно користете пилинг. Усните се многу понежни од останатата кожа, па затоа бараат дополнително внимание и нега. Медот не само што е здрав да го ставите во устата, туку убаво е и да го употребувате на усните. Тој ја прави кожата мека и нежна и придонесува да омекнат и паднат мртвите клетки.

Како да го приготвите? Измешајте 1 кафена лажичка маслиново масло со 1 кафена лажичка мед, 2 лажички шеќер и малку лимон. Промешајте ги состојките за смесата да наликува на паста, а потоа со врвовите на прстите тријте ги усните.

На крајот можете да ги премачкате усните со вазелин, гел од алое вера или пак балсам.

Сода бикарбона и мед

Сода бикарбона е одличен продукт кој долги години се користел за избелување на забите и за ексфолијација. Ако ви е потребна понежна ексфолијација на усните, тогаш нема да погрешите ако ја направите со сода бикарбона. Можете едноставно да ја помешате со малку вода, но медот е многу подобрата варијанта.

Како да го направите? Измешајте 1 кафена лажичка сода бикарбона и 1 кафена лажичка мед. Ставете дел од смесата на стара четка за заби и со кружни движења масирајте ги усните 2 минути. Ако сметате дека четката е многу груба за вашите усни, масирајте со врвовите на прстите.

Содата нема да ги навлажни вашите усни, па затоа на крајот премачкајте ги со маслиново масло или вазелин.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20097 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.