Почетна » Убавина и мода » Мода » Њујоршката недела на модата: колекции есен/зима 2011-2012

Њујоршката недела на модата: колекции есен/зима 2011-2012

Во периодот од 10 до 17 февруари Њујорк беше светскиот центар на модата. Звучни дизајнерски имиња како Каролина Ерера, Оскар де ла Рента, Дона Каран, Мајкл Корс и Ралф Лорен ги презентираа своите колекции за сезоната есен/зима 2011-2012.

Погледнете дел од најдобрите колекции кои ја воодушевија публиката и ги поставија трендовите за идната сезона.

Donna Karan

Облеката во шоуто на Дона Каран беше нежна, софистицирана и многу богата. Дона Каран ја опиша својата колекција со зборовите „Бисери на мудроста“ и креациите јасно кажуваа дека елегантното и женствено облекување секогаш е полн погодок.

Вечерната облека беше претставена преку долги фустани, скроени да ја истакнат формата на женското тело. Нежни бои, нежни ткаенини... Дона Каран покажа како се облекуваат вистинските дами.

Donna Karan Donna Karan

Carolina Herrera

Ниту еден модел во колекцијата на Каролина Ерера не беше без јасно дефиниран струк и нема сомнение дека Каролина создава облека за вистинските жени. Нејзините креации не се создадени за да останат само на манекенките, туку и за да го пронајдат својот пат до модерната современа жена.

„Јас не добивам инспирација од книги или од слики. Јас ја добивам од жените кои ги среќавам“ – изјавила Ерера, која веќе над 30 години ги освојува љубителите на модата.

Огромен впечаток оставаат нејзините вечерни тоалети кои имаат безвременски изглед.

Carolina Herrera Carolina Herrera

Victoria Beckham

Бремената Викторија Бекам ја претстави својата шеста колекција. Креациите овој пат не беа толку припиени за телото како што тоа беше случај со моделите од нејзината претходна колекција.

„Додека станував посамоуверена во својата кожа, сфатив дека сакам да им ја дадам на жените слободата да се чувствуваат покомфорно“ – изјавила сопругата на познатиот фудбалер Дејвид Бекам.

Викторија соопшти дека во оваа колекција го прикажува и 100-тиот фустан што го има дизајнирано во животот. Првите прикажани модели беа во силни бои како бордо, црвено, жолто, но потоа боите угаснаа и започнаа да се појавуваат модели во нијанси на војничко зелено и сиво. Облеката беше надополнета со чизми до колена и чевли дизајнирани во соработка со Кристијан Лобутин.

Victoria Beckham Victoria Beckham

Jason Wu

Омилениот дизајнер на Мишел Обама, Џејсон Ву, претстави креации кои беа спој на женственото со мажественото. Младиот Ву, кој признава дека го живее американскиот сон, црпел инспирација од архитектонскиот раскош и вечната убавина на Версајскиот дворец.

На модната писта доминираа црната, белата и сивата боја, а повремено свежина носеше црвената боја. Вечерната облека беше претставена преку долги и софистицирани фустани, а не беа ретки високите шлицови.

Некои од креациите беа надополнети со маска од чипка. Ву употребил повеќе од 15 различни типа чипка за успешно да создаде секси ефект.

Jason Wu Jason Wu

Oscar de la Renta

Додека повеќето дизајнери се обидуваат да доловат младешки изглед, Оскар де ла Рента изрази почит кон зрелиот изглед на жената, па неговите креации не се наменети за излегување по дискотеки и тешко дека може да се наречат современи.

На пистата доминираа волнени сукњи и сакоа, палта со крзно и руски капи украсени со крзно, а скоро сите ткаенини имаа специфична текстура. Вечерната облека се состоеше од тесни долги фустани, меѓу кои особено луксузно и префинето делуваа кадифените фустани со должина до подот.

Oscar de la Renta Oscar de la Renta

Michael Kors

Дизајнерот Мајкл Корс со својата најнова колекција го прослави 30-годишното присуство во светот на модата.

Луксузната колекција содржеше крзно (крзнени елеци, крзнени шалови), креации кои го издолжуваат телото (костуми од лесни материјали и долги тоалети), како и елегантни златни и сребрени блескави фустани насобрани во областа на половината, кои одлично го акцентираа телото на моделите.

Michael Kors Michael Kors

Ralph Lauren

На сјајната писта Ралф Лорен покажа многу црно. Презентираните свилени костуми, кожни јакни и сукњи, кадифени и сатенски тоалети беа темни како ноќта, а понекогаш монотонијата ја разбиваше светло црвената боја.

Елегантните женски смокинзи изгледаа исто толку луксузно, колку и долгите елегантни вечерни тоалети.

Ralph Lauren Ralph Lauren

Calvin Klein

Минимализам и прецизност, тоа се двете нешта по кои се познати модната куќа Келвин Клајн и дизајнерот Франциско Коста.

Ткаенините употребени од Франциско беа исчистени од било какви дезени, а боите се движеа од сива и црна до светло кафеава и боја на карамела.

Коста шоуто го заврши со блескав златен фустан кој на модната писта го презентираше Лара Стоун.

Calvin Klein Calvin Klein

L.A.M.B. by Gwen Stefani

Не е невообичаено славна личност да се обиде да се пробие во светот на модата. Но, додека некои, како Линдзи Лохан, не успеаја да ја шармираат префинетата и пребирлива публика на модните недели, други, како Викторија Бекам, успеаја за кратко време да добијат репутација на добри дизајнери.

Гвен Стефани дефинитивно спаѓа во втората категорија. Нејзината најнова колекција за L.A.M.B. е многу разновидна и содржи сè, од војнички инспирирани креации („Soldier Girls“), па сè до елегантни црни долги фустани („Glamour Girls“). Во шоуто на Гвен беа вклучени комбинезони, кратки и долги сукњи и фустани, кожни тесни панталони, кожни јакни, костуми, плетени џемперчиња, кошули и многу вратоврски.

Носејќи еден од своите дизајни, на крајот на шоуто 41-годишната пејачка прошета по пистата со нејзиниот син Кингстон.

L.A.M.B. L.A.M.B.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20788 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.