Почетна » Убавина и мода » Мода » Париската недела на модата: колекции есен/зима 2011-2012

Париската недела на модата: колекции есен/зима 2011-2012

Престижната Париска недела на модата привлече огромно внимание, не само поради тоа што се случуваше на модните писти, туку и поради она што се случуваше зад сцената. Отпуштањето на Џон Галијано поради антисемитски изјави, гласините дека дизајнерот на Balmain, Кристоф Декарнин, е хоспитализиран поради нервен слом, Гага-манијата на шоуто на Муглер, нагодувањата кој ќе биде наследникот на Галијано и забраната за пристап на Кание Вест на неколку модни презентации се само дел од случувањата кои им дадоа многу материјал на медиумите низ цел свет.

Во градот на светлината, своите колекции за сезоната есен/зима 2011-2012 ги презентираа некои од најпознатите брендови во светот на модата: Шанел, Диор, Ив Сен Лорен, Луј Витон, Ели Сааб, Александар МекКвин, Жан Пол Готје, Ланвин, Нина Ричи и Живанши. Еве дел од највпечатливите колекции:

Elie Saab

Ели Сааб очигледно има пронајдено магична формула за создавање на колекции по кои лудуваат милиони жени низ светот и не планира да ја промени. Секоја негова креација е микс од феноменална ткаенина и еднакви дози на женственост, сексапил и гламур. Како и претходните негови колекции, така и оваа колекција содржи фустани кои сигурно ќе го пронајдат својот пат до црвениот тепих. Но, овој пат либанскиот дизајнер се насочи и кон создавање на дневна облека за префинетите дами.

Боите на облеката како да го поделија шоуто на неколку дела. Сè започна со незаменливата црна боја, а продолжи со креации во црвена, бордо, пурпурна, сива, боја на слонова коска и заврши повторно со црно. Еднобојните креации се менуваа и можеа да се видат едноставни фустани со должина до колена, сукњи тип „молив“ во комбинација со крзнени јаки или палта, долги свечени тоалети со висок шлиц. Само неколку креации беа дезенирани со цветни мотиви. Сè на сè, ова е уште една ултра женствена колекција на 46-годишниот дизајнер.

Elie Saab Elie Saab

Alexander McQueen

Една година по смртта на Александар МекКвин, под диригентската палка на Сара Бартон како креативен дизајнер беше претставена најновата колекција на брендот МекКвин, „The Ice Queen and her court“. Со колекцијата која понуди доста „невестински“ фустани Сара само ги засили гласините дека токму таа ќе ја креира венчаницата на идната принцеза Кејт Мидлтон. Иако познатата креаторка ги негираше таквите гласини, се верува дека го прави тоа по барање на кралското семејство.

Колекцијата беше изградена околу ограничена палета на бои која вклучуваше црна, бела, сива и светловиолетова, а сите 34 креации одговараа на стандардите за „висока мода“. Немаше едноставни креации и скоро сите беа спој на различни текстури и материјали, спој на грубото и нежното.

Alexander McQueen Alexander McQueen

Yves Saint Laurent

Брендот Ив Сен Лорен ја претстави колекцијата на Стефано Пилати, кој е еден од дизајнерите за кои се шпекулира дека имаат најголеми шанси да го наследат Џон Галијано во Диор.

Стефано покажа многу женски костуми со строга кројка, капути од волна и крзно, долги туники до над колена, наметки и елегантни комбинезон-пантолони. Финалето на Пилати вклучуваше бели свилени фустани „зачинети“ со златни колани.

Yves Saint Laurent Yves Saint Laurent

Chanel

Карл Лагерфелд имаше уште една несекојдневна презентација. Неговите 65 модели прошетаа по дрвена писта додека околу нив се разнесуваше чад од вулкански камења и јаглен. „Светот е темно место“ – изјавил Лагерфелд по завршувањето на ревијата која наликуваше на пост-апокалиптички спектакл.

На сцената преовладуваа црна и бела боја, како и нијанси на пепеласто сива. Прекрасните палта беа комбинирани со широки и тесни панталони и со чизми во машки стил. Не беа ретки долгите наметки во стил на магионичар, ниту долгите плетени фустани. Повеќе од 2400 души ја следеа ревијата во живо и останаа воодушевени од делата на 77-годишниот дизајнер.

Chanel Chanel

Louis Vuitton

Марк Џејкобс покажа дека знае да провоцира преку колекција со која го истражуваше значењето на фетишите. Манекенките излегуваа на пистата од 4 лифта и носеа креации инспирирани од послугата на луксузни хотели – собарки, рецепционери, шофери. Џејкобс во својата колекција употреби најразновидни материјали и богата палета на бои како бордо, кафеава, темнозелена и црна.

Заедно со 67 други манекенки, на пистата се појавија и ветеранките Кејт Мос и Наоми Кембел.

Louis Vuitton Louis Vuitton

Christian Dior

По скандалот со Џон Галијано и неговото отпуштање од модната куќа Кристијан Диор, сите љубители на модата неколку дена беа во неизвесност дали ќе се одржи ревијата на Диор или не. На крајот на краиштата шоуто се одржа и со засилено обезбедување во Париз беше прикажана и колекцијата на Диор за сезоната есен/зима.

Сепак, ова не беше вообичаена ревија. Шоуто започна со говор на Сидни Толедано, извршниот директор на Диор, кој уште еднаш се обиде да го дистанцира името Диор од антисемитските изјави на Џон Галијано. „Беше навистина болно да се гледа како името Диор се сврзува со такви срамни изјави од неговиот дизајнер, без оглед на тоа колку брилијантен е тој. Такви изјави не треба да се толерираат затоа што имаме колективна одговорност да не го заборавиме Холокаустот и неговите жртви“ – изјавил Толедано.

На шоуто присуствуваа 1200 гости, а неколку од нив изјавиле дека атмосферата била како на погреб. Беа презентирани вкупно 62 креации со различен стил. Можеа да се видат долги и кратки палта со крзнени јаки и крзнени рабови на ракавите, кратки фустанчиња од лесни материјали и долги фустани од целосно проѕирни материјали.

На крајот, светлата се затемнија и наместо Галијано, на сцената се појавија 30 кројачи, шивачи и модни занаетчии од ателјето и студиото на Диор, сите облечени во бели мантили.

Christian Dior Christian Dior

Jean Paul Gaultier

„Без корсети, без покажување на кожа! Можете ли да си замислите?“ – изјавил Жан Пол Готје пред почетокот на шоуто. Својата најнова колекција Готје ја опишал со зборовите „како да изгледате млади без Ботокс“.

Хероините на 58-годишниот француски дизајнер добија изглед на возрасни дами со помош на сиви перики. Облечени во класични сукњи, фустани и сакоа, манекенките кога ќе стигнеа до крајот на пистата оставаа дел од својата облека или модните додатоци кои ги носеа, симболизирајќи стриптиз. На крајот, сите манекенки се појавија соблечени по шарени и цветни комбинезони. Во ревијата учествуваше и Андреј Пејиќ, кој неодамна изјави дека би си го променил полот ако од Victoria’s Secret му понудат договор за соработка.

Jean Paul Gaultier Jean Paul Gaultier

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20788 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.