Почетна » Убавина и мода » Мода » Миланската недела на модата: колекции есен/зима 2011-2012

Миланската недела на модата: колекции есен/зима 2011-2012

Армани, Долче и Габана, Версаче, Кавали, Гучи, Прада... Тоа се само дел од мега-популарните брендови кои оваа година ги презентираа своите колекции есен/зима во Милано.

Погледнете ги прекрасните креации кои ја воодушевија префинетата публика на Миланската недела на модата.

Gucci

Модната куќа Гучи ја отвори Миланската недела на модата со феноменалната колекција на Фрида Џанини. Елегантната колекција го покажа најдоброто од 70-тите години на минатиот век.

Прекрасните комбинации на виолетова, портокалова, тиркизна, сива и боја на смарагд, елегантните шешири, висококвалитетното крзно, широките панталони од фина волна и провокативните проѕирни вечерни тоалети ја воодушевија публиката и донесоа гламур на сцената.

Gucci Gucci

Roberto Cavalli

Колекцијата на Кавали беше како да ги гледате неговите најголеми хитови. „Бев назад во мојот музеј. Повторно го посетувам моето минато. Подобро да се копирам самиот, отколку некој друг да го направи тоа“ – се шегувал 70-годишниот дизајнер.

Кавали повторно направи креативен спој на различни ткаенини, текстури и пропорции за да создаде „дива“ колекција во која преовладуваа бои како бордо, валкано златна, темносива, црна и кафеава.

Roberto Cavalli Roberto Cavalli

Giorgio Armani

76-годишниот дизајнер покажа класична колекција во која секоја креација зрачеше со женственост и елеганција. Пастелната светло-розова боја како да беше заштитен знак на колекцијата есен/зима, но Армани не ги изостави и црната и блескаво сребрената боја.

Панталоните на Армани за наредната сезона се поткусени до над глуждовите и проширени токму кај рабовите, па би можеле да ги наречеме поткусени траперки. Ткаенините, меѓу кои доминираа свила и кадифе, делуваа луксузно и го покажаа беспрекорниот вкус на дизајнерот со импресивно 35-годишно искуство во светот на модата. Самиот дизајнер својата колекција ја опиша со зборовите: „Умно ја истакнува убавината на телото, но никогаш не го покажува“.

Giorgio Armani Giorgio Armani

Dolce & Gabbana

Доменико Долче и Стефано Габана покажаа и женствени, но и креации во машки стил, а потоа и спој на машката со женската облека. Колекцијата во која доминираа црната и белата боја ја презентираа на сцената 64 манекенки, поделени во две групи: „палави момчиња“ и „заводнички“. Првите носеа облека во машки стил, а вторите – проѕирни креации кои го истакнуваа женското тело.

Италијанското дуо подоцна покажа и „измешани“ креации. Облеката во машки стил беше комбинирана со блескави сакоа и сакоа со животински принт и крзно, а женските фустани беа комбинирани со ниски обувки и шешири во машки стил.

Dolce&Gabbana Dolce&Gabbana

Versace

Донатела Версаче падна под влијание на војничкиот стил, кој во нејзините креации беше изразен преку големи златни копчиња поставени на кожни сакоа, палта и кратки фустани. Копчињата се препознатливи затоа што на нив ја има главата на Медуза, заштитниот знак на модната куќа Версаче.

55-годишната дизајнерка покажа фустани со едноставни кројки кои имаа висок шлиц и беа „украсени“ со лалиња, омиленото цвеќе на нејзиниот покоен брат Џани Версаче. Кратките фустани беа комбинирани со чизми со врвци, кои беа отворени кај прстите. На крајот од шоуто беа прикажани долги тоалети кои сигурно ќе се најдат на црвениот тепих на свечените манифестации во Холивуд.

Versace Versace

Prada

Шоуто на модната куќа Прада започна со еден час задоцнување затоа што креаторката Миуча Прада во последен момент решила да направи некои промени. „Сакав да направам секси материјалите да изгледаат поразлично. Сакав да ги свртам работите, не да добијам девојки кои се облекуваат како дами, туку жени кои се облекуваат како нешто поневино“ – изјавила Прада.

Шоуто започна со едноставни, но елегантни палта од кашмир, а продолжи со креации во различни бои. Сигурно ќе го забележите присуството на змиска кожа, како и на вештачко и вистинско крзно.

Prada Prada

MaxMara

Во Милано својата колекција ја презентираше и MaxMara, еден од најпознатите италијански брендови, кој оваа година прославува 60-години од постоењето.

На сцената беа презентирани едноставни и елегантни креации кои сигурно ќе ја освојат модерната бизнис жена.

Max Mara Max Mara

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20789 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.