Почетна » Убавина и мода » Мода » Лондонската недела на модата: колекции есен/зима 2011-2012

Лондонската недела на модата: колекции есен/зима 2011-2012

По Њујорк, модната недела се пресели во Лондон. Дизајнерите имаа можност да покажат на што работеле во изминативе шест месеци и да добијат критика од истакнати модни критичари.

Главната уредничка на американскиот Вог, Ана Винтор, имаше пофални зборови за колекцијата на TopShop, а британската мода ја оцени како интересна затоа што Британците секогаш покажувале смисла за хумор.

Во текот на петте дена беа прикажани многу ревии, презентации и организирани многу забави, а интересот како и секогаш беше огромен. Беа презентирани колекции кои ја воодушевија, но и колекции кои ја шокираа публиката.

Еве некои од најдобрите колекции:

Burberry Prorsum

Британскиот бренд Burberry ја презентираше својата колекција пред публика од 1000 души, но шоуто беше пренесувано во живо во 150 земји во светот. Колекцијата наречена „Coats of Many Colours“, која ја дизајнираше Кристофер Бејли, привлече многу славни личности меѓу кои и Саманта Камерон, Рејчел Билсон, Алекса Чанг и главните уреднички на американскиот, францускиот, италијанскиот и британскиот Вог.

Дел од палтата беа во силни весели бои како портокалова, виолетова, сина, маслинеста, но имаше и палта во црна и бела боја. Украсени со војнички копчиња и кожни ремчиња за закопчување и колани, сите креации изгледаа модерно и примамливо. Кристофер не го занемари крзното, но користеше и кашмир, твид и волнени ткаенини. Палтата најчесто беа комбинирани со панталони тип траперки долги до подот или тесни панталони.

Крајот на шоуто беше означен со вештачки снег кој „паѓаше“ додека сите 52 манекенки продефилираа на пистата носејќи над палтата проѕирни наметки.

Burberry Prorsum Burberry Prorsum

Topshop Unique

Колекцијата на Topshop несомнено беше инспирирана од цртаниот филм „101 далматинец“. Шоуто започна со звуци на кучиња, а уште со прикажувањето на првата креација на посетителите им стана јасно дека ќе видат многу црни дамки и вештачко крзно. Дури и фризурите на манекенките им беа направени така што да наликуваат на кучешки уши, а на некои носовите им беа обоени со црна боја.

Голем дел од моделите беа инспирирани од 30-тите години и ерата на американскиот џез. Гламурот од тој период беше доловен преку шалови од вештачко крзно и свилени пижама пантолони, а на креациите можеа да се забележат мотиви од Њујорк, Мајами и Холувуд. Дури и Ана Винтор имаше пофални зборови за колекцијата која вклучуваше и интересни чевли тип „Мери Џејн“ и чизми до глуждови.

Topshop Unique Topshop Unique

Mulberry

Брендот Mulberry ја претстави колекцијата на креаторката Ема Хил. „Таа е прекрасна девојка што живее на запуштен селски имот и излегува надвор за да запали цигара“ – со овие зборови Ема го опиша изгледот презентиран во лондонскиот луксузен хотел „Клериџ“. Инспирацијата за колекцијата есен/зима таа ја црпела од традиционалните англиски хобија – ловење, стрелање и риболов.

Преовладуваа нијанси на маслинесто зелена, сива и златна боја, но честопати манекенките беа облечени во црно од глава до пети. Ема си поигра со различни материјали и плетки и остави само малку сексапил во своите креации.

Mulberry Mulberry

Метју Вилијамсон

Метју Вилијамсон покажа дека сака да експериментира со боите и ткаенините. Тој направи спој на различни материјали, волна, кожа, крзно, за да добие нестандардни комбинации. Црвената, розовата и сината боја ја разбиваа монотонијата на црната и сивата боја, а многуте детали го привлекоа вниманието на публиката. Вилијамсон со умисла ги постави своите гости поблиску до моделите за да можат подобро да ги видат сите детали на облеката.

39-годишниот дизајнер црпел инспирација од делата на рускиот уметник Франциско Инфанте-Арана кој фотографирал различни скулптури од огледала поставени во природа. Можеби тоа може да ги објасни геометриските принтови кои преовладуваа во колекцијата на Вилијамсон.

Метју Вилијамсон Метју Вилијамсон

Антонио Берарди

Ревијата на Антонио Берарди започна со целосно бели креации надополнети со црни чевли со неколку тенки ремчиња на глуждовите. Иако доминираа црната, белата и сивата боја, Антонио најде начин да вметне и црвена и смарагднозелена боја.

Како и секогаш, неговите модели беа женствени, без разлика дали зборуваме за елегантните панталони, сакоата со двојни јаки, кратките повеќеслојни сукњи или долгите тоалети и фустаните со проѕирна чипка.

Антонио Берарди Антонио Берарди

На Лондонската модна недела навистина имаше многу колекции кои можат да ни дадат инспирација за комбинирање на облеката и кои ги диктираат трендовите за сезоната есен/зима, но имаше и такви кои тешко ќе успеат да го најдат својот пат надвор од модните писти.

Второто може да се каже за колекцијата на Вивиен Вествуд, инспирирана од „Алиса во земјата на чудата“ или хорор колекцијата на Чарли Ле Минду, којшто покажа шокантни модели со гас-маски, коса и чипка, а неговото шоу вклучуваше и голи манекенки прелиени со крв.

Вивиен Вествуд Чарли Ле Минду

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19799 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.