Почетна » Убавина и мода » Мода » Модни икони: Коко Шанел

Модни икони: Коко Шанел

Едноставна, класична и лежерна елеганција, зачинета со доза оригиналност, има на ум Габриел „Коко“ Бонеур Шанел облекувајќи ги дамите. Француската дизајнерка и основач на светски познатиот бренд Chanel e родена во 1883 година, и е единствената модна креаторка која успева да влезе на листата на 100-те највлијателни луѓе на 20-тиот век на угледното списание „Time“.

Коко верува дека „луксузот треба да биде елегантен“ и дека секоја жена треба да се облекува според пригодата, ставајќи го акцентот на удобноста и слободата, опуштена од врвките на строгите корсети од 20-тите години на минатиот век.

Коко Шанел

Најпознатата француска дизајнерка се обидува да ја исфабрикува својата вистинска животна приказна, криејќи ги понижувањата и горчливите спомени околу скромното потекло, кое вклучува мрачно и тажно детство на вонбрачно дете. Нејзиниот татко ја сместува во манастир за сираци на 12-годишна возраст, веднаш по смртта на нејзината мајка, а по кратко време исчезнува, напуштајќи го семејството.

Во манастирот Коко првпат се запознава со шивачкиот занает и се смета дека токму таму, за време на нејзиниот шестгодишен престој, започнува зародишот на нејзината животна определба и опсесија.

Коко Шанел

Челичната волја и непоколебливост, како и желбата за успех, ја мотивираат Коко низ годините до конечната цел – создавање мега-популарен бренд. Препознатлива по нејзината одлучност, амбициозност и неверојатна енергија, како во професионалната сфера, така и во приватниот живот, Коко не се задоволува сè додека не го вметне името Шанел на „листата на секој купувач“, признание оддадено од страна на списанието „Harper’s Bazaar“.

Коко Шанел

На почетокот во професионалното резиме на Коко е забележана кратка кариера како вешт изработувач на женски шапки. Подоцна, Коко ги вклучува шапките и шеширите како забавни детали во многу нејзини колекции и модни изгледи, доловувајќи го познатиот Coco-vibe.

Коко Шанел

Во секој женски плакар денес може да се сретне парчето облека кое Коко Шанел го оценува како идеално за дневна опуштена или елегантна вечерна пригода. Имено, малиот црн фустан претставен во 20-тите години на минатиот век останува безвременска класика. Во 1926 година Коко објавува фотографија во американскиот Vogue од едноставен мал црн фустан со прав крој и должина до колена, декориран само со неколку дијагонални линии. Во списанието е посочено дека фустанот на одреден начин ќе стане „униформа за сите жени со вкус“, што прецизно ја опишува иднината на фустанот.

Коко ШанелМалиот црн фустан на Шанел во Vogue

Коко предизвикува вистинска револуција во модната индустрија, вршејќи огромно влијание врз строго утврдените правила за тоа како треба да изгледа една примерна дама.

Обичното редизајнирање на стар машки џемпер и неговото трансформирање во женски фустан е доволно за Коко да го почувствува пријатниот вкус на славата.

Со храбра модна визија и естетика успева да ги преадаптира типично „машките“ парчиња облека, задржувајќи ја удобноста, но додавајќи им доза инвентивност, софистицираност и елеганција, наменета за женскиот пол.

„Модата стана шега. Дизајнерите заборавија дека има жени во фустаните. Повеќето жени се облекуваат за мажите и сакаат да бидат обожавани. Но, тие исто така треба да можат да се движат, да влезат во автомобил без да ги раскинат шевовите! Облеката мора да има природна форма.“

Едно од најредизајнираните модни парчиња во изминатите години е популарниот Шанел костум од твид материјал, кој вклучува сако без јака, со праволиниска и симетрична форма и припиено здолниште до колена. Низ годините варира дезенот, бојата или должината, но не и обликот кој го „проповеда“ Коко.

Непокорната Шанел верува во практичност. Сметајќи дека женските раце треба да бидат слободни за време на друштвени собири, таа креира чанта со долго синџирче за на рамо. Модернизираната верзија на чантата која ја истакнува женската слобода, индивидуалност и потребата за практичност, го добива името 2.55, според датумот кога е создадена (февруари 1955 година). Изработена од кожа, со надворешност која потсетува на јорган, популарната чанта има долго двојно синџирче инспирирано од синџирите со клучеви на надзорниците во манастирот каде Коко ги минува тинејџерските денови.

Chanel 2.55Чантата Chanel 2.55

Чевлите кои комбинираат две различни бои се исто така нејзин препознатлив, заштитен знак, како и многубројните џебови на чантите.

Коко ја фасцинираат неутрални и смирени тонови, како беж и морнарско сина. Таа е една од првите дизајнери кои ги комбинираат вистинските скапоцени камења со обичниот, евтин накит (најчесто пластични лажни бисери), создавајќи го концептот „бижутерија“, достапен за жените од секоја социјална класа.

„Жената која не носи парфем, нема иднина.“

Коко е „виновна“ за постоењето на најпродаваниот женски парфем на сите времиња Chanel N⁰5, што е прв обид да се создаде парфем кој претставува мешавина на природни и синтетички ноти. Бројот 5 во името на парфемот е всушност омилениот број на Коко. Се верува дека шишенце Chanel N⁰5 се продава на секои 30 секунди во светот.

Chanel N⁰5

„Парфемот е невидлив, незаборавен и најважен моден додаток што го најавува вашето доаѓање и го одолговлекува вашето заминување.“

Сладникавата ароматична течност низ годините е промовирана од многу заштитни лица, меѓу кои славните актерки Мерилин Монро, Кетрин Денев, Никол Кидман и актуелната Одри Тату. Бред Пит пак, е првиот маж во историјата кој влегува во улогата на заштитно лице на парфемот Chanel N⁰5.

Chanel N⁰5Одри Тату за Chanel N⁰5 Chanel N⁰5Бред Пит за Chanel N⁰5

Стилската икона со тенка фигура, строг и студен поглед, впечатливи и длабоки црни очи и карактеристичен нос, претставува вистинска инспирација за неколку филмски верзии. Ширли Меклејн ја портретира Коко во ТВ филмот „Coco Chanel“ во 2008 година, а француската миленичка Одри Тату една година подоцна во филмскиот хит „Coco Before Chanel“.

Младата Кира Најтли ја доби честа да ја отслика легендарната француска модна икона во кусиот филм „Once Upon A Time“.

Коко Шанел не стигнува да го изговори судбоносното „Да“, ниту пак да стане мајка, но затоа има бурен љубовен живот. Многупати завршува во рацете на богати, угледни и привлечни мажи кои го финансираат нејзиниот бизнис. Во нејзиниот љубовен живот се провлекуваат англискиот тајкун Артур „Бој“ Капел, рускиот композитор Игор Стравински и Војводата од Вестминстер, но ниту еден не застанува на олтарот покрај славната дизајнерка.

Коко Шанел Коко Шанел

Хотелот Риц е нејзин дом повеќе од 30 години и местото каде што славната Коко Шанел ќе воздивне за последен пат на 87-годишна возраст, оставајќи го светот гладен за уште.

Коко Шанел

По неколкугодишно превирање во француската модна куќа, Chanel конечно доаѓа под раководството на Карл Лагерфелд, за кого се смета дека е еден од ретките кој со својата генијална креативност беспрекорно ја одржува стилската визија на модната икона Коко Шанел.

Коко Шанел: Илустрации од Карл ЛагерфелдКоко Шанел: Илустрации од Карл Лагерфелд Коко Шанел: Илустрации од Карл ЛагерфелдКоко Шанел: Илустрации од Карл Лагерфелд Коко Шанел

Од архивата на Шанел:

Шанел креации Шанел креации Шанел креации Шанел креации

„Модата избледува, стилот останува вечен.“

„Елеганцијата не подразбира облекување на нов фустан.“

„Каде треба да се нанесува парфемот? – праша една млада жена. Секаде каде што сака да биде бакната – одговорив јас.“

„Некои мислат дека луксузот е спротивност на сиромаштијата. Не е. Луксузот е спротивност на вулгарноста.“

„Жената има онолку години, колку што заслужува.“

„Доколку еден маж зборува лошо за жените, вообичаено значи дека бил „изгорен“ од една жена.“

„Сè додека знаете дека мажите се како деца, знаете сè.“

„За некој да биде незаменлив, мора да биде секогаш поразличен.“

„Природата ви го дава лицето кое го имате во 20-тите години од животот. Животот го оформува лицето кое го имате во 30-тите. Но, во 50-тите, го имате лицето кое го заслужувате.“

„Модата не е нешто што постои само во фустаните. Модата е во небото, на улицата, има врска со идеите, начинот на кој живееме, со она што ни се случува.“

„Постојат луѓе кои имаат пари и луѓе кои се богати.“

„Во моментот кога ќе стапнете на нечија јахта му припаѓате на некој маж, не на себеси, и умирате од досада.“

„Луксузот мора да биде удобен. Во спротивно, не е луксуз.“

Коко Шанел

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20923 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.