„Со особена радост и гордост ви најавуваме дека 29-тото издание на Детскиот музички фестивал СИ-ДО е веќе во завршна фаза на подготовки. Подготовките започнаа уште во месец ноември минатата година, со огромна посветеност и љубов вложена во секој дел од процесот – од изборот на композиции, преку снимањето на песните, па сè до тековните сценски подготовки“ –изјави организаторот на фестивалот Дарко Шерденков.
Сите песни се успешно снимени, а младите СИ-ДО sвездички веќе активно се подготвуваат да ги претстават своите настапи на големата сцена. Оваа година, фестивалот ќе се одржи на 30 април во прекрасниот амбиент на Центарот за култура – Битола, кој традиционално е дом на овој значаен културен настан посветен на детската креативност, музика и уметност.
Фестивалот СИДО веќе скоро три децении претставува платформа за откривање и развој на млади музички таленти, а воедно е и симбол на детската радост, искрената емоција и уметничкото изразување преку музика. Годинава, очекуваме уште едно незаборавно издание исполнето со енергија, љубов и инспирација.
Со нетрпение го очекуваме моментот кога ќе се подигне завесата и сцената ќе оживее со детска насмевка, глас и срце!


















