Почетна » Семејство » Дете » Научете го детето за вредноста на парите и штедењето

Научете го детето за вредноста на парите и штедењето

Постепеното запознавање на децата со суштината и вредноста на парите е важен дел од растењето, затоа што така тие сфаќаат дека не можат секогаш да добијат сè што ќе посакаат, го учат процесот на штедење, па дури и започнуваат да учат како да прават разумна инвестиција.

Момче со париНикогаш не е премногу рано да започнете да го запознавате вашето дете со парите.

Никогаш не е премногу рано да започнете да го запознавате вашето дете со парите. Експертите сметаат дека првите лекции треба да започнат уште на 3-годишна возраст, кога детето ќе започне да им обрнува внимание на парите.

Сепак, лесно е да се каже, тешко е да се направи. Еве неколку совети кои ќе ви помогнат да му ја претставите вистинската вредност на парите на вашето дете и да го научите да штеди и да ги троши разумно.

Научете го за вредноста на парите

  1. Научете го да брои монети. Прво запознајте го со монетите. Кога вашето дете ќе научи да брои, дајте му монети од 1 денар.
  2. Објаснете му ја вредноста на различните монети. Кога сметате дека вашето дете е подготвено, дајте му различни монети од 1, 2 и 5 денари. Така визуелно според големината на монетите полесно ќе му биде да научи дека монетата од 2 денари вреди повеќе од монетата од 1 денар, а помалку од монетата од 5 денари.
  3. Разменувајте пари. Воведете игра „банка“, во која вие ќе сте клиент, а вашето дете банкар. Дајте му монета од 5 денари и научете го дека таа вреди подеднакво со 5 монети од 1 денар. Вежбајте го менувањето пари додека не видите дека вашето дете разбира што всушност се различните монети.
  4. Објаснете му од каде доаѓаат парите. Нормално е децата да мислат дека парите доаѓаат од нивната мајка и татко и дека секогаш кога требаат пари, има доволно во паричниците на родителите. Некаде на 5-годишна возраст децата се подготвени да слушнат и можат да разберат од каде навистина доаѓаат парите и дека не се неограничени. Тогаш е потребно да му објасните на вашето дете дека парите се стекнуваат со труд и работа и дека со нив може да се купува само она што е неопходно, а некои задоволства може да си ги пружите само ако штедите.
  5. Покажете му дека има разлика помеѓу потребите и желбите. Многу често децата кога ќе видат нешто интересно в продавница, веднаш посакуваат да го имаат, па прават сè што можат за да го добијат, а често започнуваат и да плачат. За да избегнете таков мал скандал во јавност, потребно е да го научите вашето дете дека има разлика помеѓу неговите желби и реалните потреби. Објаснете му дека постојат некои работи кои се неопходни за живот и кои задолжително се купуваат и такви кои се еден вид луксуз. Треба да му стане јасно дека не може да има секогаш сè што ќе посака.

Колку и да сте финансиски стабилни, ако му купувате на вашето дете сè што ќе посака, правите голема грешка. Во таков случај ќе добиете до себе разгалено дете кое како што расте ќе биде уште попребирливо и никогаш нема да може да научи да штеди или да ги цени парите.

Научете го како да штеди

Кога веќе детето ќе започне да оди на училиште, доволно е големо за да започне да учи да штеди пари.

Девојче пред касаДавајте му ги парите во форма која поттикнува штедење.
  1. Купете му детска каса. По можност нека биде проѕирна, за да може да гледа како се полни.
  2. Давајте му ги парите во форма која поттикнува штедење. Наместо да му давате банкнота од 10 денари, дајте му 2 монети по 5 денари или пак уште подобро 5 по 2 денари. Така ќе му дадете можност уште веднаш да тргне дел од монетите настрана за штедење, а само дел да остави за трошење.
  3. Носете го во продавница со вас. Користете го секој момент за да му одржувате кратки лекции. Покажете му на дело колку е важно споредувањето на цените или пак искористувањето на промоциите. Сепак, не користете тешки зборови како промоции, зборувајте просто и едноставно за да не го загубите неговиот интерес.
  4. Давајте му неделен џепарлак. Така ќе го научите детето дека треба да биде поодговорно за своите пари и дека треба да му служат одреден период. Ако случајно ги потроши сите на бонбони, не му давајте нови додека не помине договорениот период од една недела.
  5. Ако сака да си купи нешто... ставете слика од посакуваниот предмет (играчка) и до него плик или тегла. Така ќе му помогнете на вашето дете постојано да се потсетува што ќе добие ако успее да ја собере преку штедење потребната сума и дека ќе успее да го добие само и само ако ја заштеди.
  6. Наградувајте го за штедењето, исто како што вие добивате камата. На крајот на месецот за секои заштедени 10 денари, давајте му дополнителни 2-3 од вас. Така ќе го стимулирате да штеди повеќе.

Дополнителни совети:

  • Не го учете дека треба да му плаќате кога помага во домаќинството. Многу родители им даваат парична награда на децата за да си ја средат собата или пак ако успешно ја напишат домашната задача. Вие треба да го научите дека помагањето во домашните обврски е негово задолжение, затоа што е член на семејството. Не треба да дозволите за секое направено добро дело детето да очекува парична награда.
  • Лекциите треба да бидат кратки. Децата не се навикнати долго време да се концентрираат на она што им го зборувате, особено ако им е здодевно. Искористете го секој поволен момент и секое негово прашање за да му одржите лекција за парите, но не претерувајте со монолозите.
  • Лекциите треба да бидат интересни. Воведувајте во процесот на учење многу игри. Децата најдобро учат преку игри, а така вложуваат и повеќе напор за да ве разберат што им зборувате, т.е. да ја научат играта.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19731 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.