Нема ништо послатко од учтиво и добро воспитано мало дете кое знае како да се однесува. Добрите манири на трпезата не го учат детето само како да се храни, туку и да биде љубезно и внимателно кон другите луѓе.
Уште од најрана возраст децата треба да бидат запознаени со основните правила на убаво однесување за време на јадење. Лекциите кои тоа ќе ги научи дома, ќе го следат во текот на целиот живот – додека е на гости или во ресторан со вас, во градинка и на училиште, на љубовен или деловен состанок.
Кои се основните манири кои детето треба да ги стекне до 6-годишна возраст?
Децата не стекнуваат добри манири преку ноќ. Не чекајте вашето дете да дувне 5-6 свеќи на роденденската торта за да започнете да го учите за важноста на добрите манири. Никогаш не е премногу рано за да започнете да го подучувате кое однесување е прифатливо, а кое неприфатливо на масата. Всушност, колку порано ќе го започнете процесот на учење, толку полесно ќе му биде да оформи трајни навики кои ќе ги понесе со себе понатаму во животот. Повеќето деца ги усовршуваат своите вештини за хранење до 6-годишна возраст, но вие треба да започнете со процесот на учење уште кога вашето малечко ќе наполни 2 години.
Во предучилишна возраст детето треба да научи да:
- Ги мие рацете пред да седне на масата.
- Започне да јаде откако сите ќе седнат околу масата (најчесто последниот човек кој се придружува на масата е „мама“).
- Користи салфетка за бришење на устата, а не да ги користи рацете или облеката.
- Седи исправено и да не ги става лактите на масата.
- Џвака со затворена уста и да не зборува додека не го голтне залакот.
- Не ја преполнува устата со храна и да каснува умерени залаци.
- Остане на масата додека сите не довршат со оброкот или ако мора да ја напушти масата, да каже „Извинете ме“.
- Вели „Те молам“ и „Благодарам“.
- Не се престига до другиот крај на масата за да земе нешто, туку љубезно да каже „Те молам подај ми...“.
- Не го става ножот во устата.
- Не си игра со храната.
- Не зема храна од туѓа чинија без дозвола за тоа.
- Не дава лоши коментари за храната.
- Не ги прекинува другите додека зборуваат.
- Не си го допира или секне носот додека другите јадат.
- Не ждрига, пее или шлапа со устата.
- Му дава комплименти на домаќинот за сервираната храна кога сте на гости.
7 совети за да го научите детето на добри манири на трпезата
Можеби мисијата да го научите вашето малечко на добри манири ви изгледа невозможна додека го гледате како нервозно ја фрла лажицата на подот или кога црта по масата со остатоците од храна. Но, со трпение кај него можете да изградите убави навики за кои ќе ви биде благодарно во иднина.
Еве неколку совети кои ќе ви помогнат во тоа:
- Јадете секогаш заедно како семејство. Кога целото семејство седнува на маса заедно, децата имаат можност да го набљудуваат однесувањето на своите родители и на другите возрасни и да учат од нив.
- „Работете“ заедно со сопругот. Запомнете, ако еден од партнерите одлучи дека правилата се тешки, глупави или непотребни за детето, ќе ги уништи целосно напорите на другиот родител. Речениците како „Ајде остави го, мало е за да се однесува толку пристојно“ или „Дете е, не мора да внимава на сè и сешто“ не се пожелни во присуство на детето. Со сопругот заеднички изберете правила, а потоа потрудете се секој член во семејството да ги почитува.
- Објаснувајте ги правилата, наместо само да ги наметнувате. Не му велете на вашето малечко само „Јади со затворена уста“, туку објаснете му дека мора да јаде со затворена уста затоа што е непријатно другите да ја гледаат изџваканата храна во неговата уста и да го слушаат неговото шлапање со устата. Дополнително, кажете му и дека никој нема да го разбере што сака да каже ако зборува со полна уста.
- Кога давате пофалби, правете го тоа на конкретен начин. Наместо да велите „Браво“, кажете „Се гордеам со тебе што започна правилно да го користиш приборот за јадење“ или „Браво што не зборуваше со полна уста за време на вечерата“. Но, не претерувајте со пофалбите затоа што детето ќе мисли дека треба да е центар на вниманието за време на секој оброк.
- До 3-годишна возраст не го принудувајте да останува на масата додека сите не довршат. Малите деца на околу 2-3-годишна возраст најчесто се многу активни и не можат да седат долго време на едно место. Во почетокот, не го принудувајте вашето малечко да седи на масата додека другите не завршат. Дозволете му да оди да си игра за да не го претворите оброкот во непријатно искуство. Ако оброците се пријатни, поверојатно е тоа да останува подолго.
- Никогаш не треба да се смеете на неговите лудории на масата. Доколку започнете да се смеете додека детето плука, ја расфрлува храната, или се валка со неа, вие му покажувате дека тоа е забавно и го поттикнувате да го повторува истото во иднина. Дури и да изгледа слатко додека се валка, воздржете се и не се смејте.
- Наоружајте се со трпение. Трпението е клучно при всадувањето на добри манири кај децата. Повторувајте, повторувајте, повторувајте. Еден ден ќе бидете горди на постигнатото.