Почетна » Семејство » Дете » Како да го научите вашето дете на добри манири?

Како да го научите вашето дете на добри манири?

Никогаш не е премногу рано да започнете да го учите вашето дете на основните добри манири, односно да го научите како да покажува љубезност и почит. Кога ќе увидите дека вашето дете започнува да го прифаќа и/или имитира однесувањето на возрасните, време е да започнете со мали лекции за добри манири. Тие лекции играат важна улога во градењето на карактерот на детето.

Девојче со добри манириДетето треба да се научи на добри манири уште од мали нозе затоа што тоа помага во градењето на неговиот карактер

Децата од двегодишна возраст веќе се подготвени да започнат да учат како треба да се однесуваат учтиво и љубезно. Подолу прочитајте кои се основните добри манири што вашето дете треба да ги научи во предучилишна возраст, како и неколку совети за полесно да се справите со процесот на учење.

Употреба на „Благодарам“, „Те молам“, „Извини“

Најдобриот начин да го научите вашето дете да ги употребува овие зборови е да му кажете дека тоа се магични зборови. На пример:

  • „Те молам“ има моќ да направи луѓето полесно да му го дадат тоа што го бара;
  • „Благодарам“ има моќ да направи луѓето да му помагаат повторно во иднина;
  • „Извини“ има моќ да направи луѓето полесно да му простат кога ќе погреши нешто.

Се разбира, ова треба да му го објасните со практични примери и повеќекратно да го потсетувате во ситуациите кога треба да ги користи зборовите. Кога ќе каже „Сакам смоки“, вие треба да го потсетите дека треба да го каже магичниот збор „те молам“ за да ги добие. Кога ќе добие подарок од својата баба, потсетете го дека треба да каже „благодарам“. Кога ненамерно или намерно направи нешто што ќе го налути неговото другарче, потсетете го дека за да продолжат да бидат вистински другари треба да каже „извини“.

Но, најважно од сè е да не барате само од вашето дете да ги кажува овие магични зборови, туку и вие да ја почитувате поговорката „Добриот збор железни врати отвора“. На пример, кога ќе сакате вашето дете да ви даде нешто, кажете „те молам подај ми го...“. Кога ќе ви подари нешто (како негов цртеж) или кога ќе сподели нешто со вас (на пример, ако ви даде дел од неговото чоколадо), веднаш речете „благодарам“.

Добри манири на масата

Вашето дете треба да учи како да се однесува на масата уште од мали нозе. Основните манири кои детето треба да ги научи за да покаже добро однесување на масата се:

  • да ги мие рацете пред да седне да јаде;
  • да не зборува со полна уста;
  • да џвака со затворена уста.

Кога ќе успее да се придржува кон нив, започнете со нови лекции – како се држи ножот, а како виљушката, како се поставуваат рацете на масата и сл.

Особено е важно да не му ги претставувате овие правила без дополнително објаснување. Наместо само да му кажете „не зборувај со полна уста“, објаснете му дека воопшто не е пријатно другите луѓе да ја гледаат џваканата храна во неговата уста и дека тешко можете да разберете што кажува ако истовремено џвака.

Никогаш не го повишувајте тонот ако вашето дете заборави на доброто однесување. Бидете трпеливи.

Поздравување и разговарање

Со тоа што ќе го научите вашето дете да ги поздравува луѓето кои ги среќава, вие не само што ќе му создадете навика да биде љубезно, туку ќе го научите како да комуницира. Комуникацијата со возрасните ќе му помогне да ја победи срамежливоста. Кога ќе стапи во контакт со друго лице, вашето дете треба:

  • да каже „Здраво“;
  • да го гледа соговорникот во очите;
  • да одговори на прашањата кои му ги поставува соговорникот;
  • да каже „Довидување“.

На почетокот ќе треба вербално да го потсетувате што да направи, но ќе забележите дека со тек на време доброто однесување ќе му доаѓа природно.

Златни правила:

  • Повторувањето е мајка на знаењето. Искусните родители знаат дека за да добие детето навика, потребно е да помине време. Како добри родители, вие треба постојано да се обидувате да му го наметнувате доброто однесување преку повторувањето.
  • Вашето дете е ваше огледало. Децата се како сунѓер. Примаат сè што се случува околу нив. Бидете добар пример. Како што се однесувате вие, така ќе се однесува и вашето дете. Практикувајте ги добрите манири за да израснете воспитано и културно дете.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20782 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.