Цуцла лажалка – сојузник на родителите во првата година од животот на детето, но вистински проблем по неа. Цуцлите можат да ги смират бебињата кога се нервозни, плачливи, болни и вознемирени, но и да го намалат ризикот од синдром на ненадејна смрт кај новороденчиња за време на вечерното спиење (смрт во колевка).
Сепак, многу педијатри се против доцната употреба на лажалки, односно не препорачуваат користење на цуцла по 2-годишна возраст, поради можноста за појава на дентални проблеми и ушни инфекции. Цуцлите можат да ги искриват детските запчиња и вилицата и да предизвикаат проблеми во говорот, поради навиката на детето да зборува со цуцла во устата.
Неопходно е детето да се одвикне од користење на цуцла и шише со цуцла најдоцна до четвртата година, кога започнува процесот на растење на трајните заби.
За жал, не постои магична стратегија која е ефективна за сите деца. Секое малечко е различно. Еве некои алтернативи кои можете да ги пробате за да откриете која најмногу одговара за вашето семејство. Некои од нив се за постепено одвикнување и бараат подолг период, додека други се насочени кон инстантно одвикнување.
Стратегии
Ако вашето дете е помало од 12 месеци и сакате да го одвикнете од цуцла, најверојатно нема да треба да ја активирате вашата креативност за да измислите некаква посебна приказна. Но, доколку тоа не е веќе бебе, треба да бидете креативни.
Ви предлагаме неколку забавни начини кои ќе ви помогнат да ја прекинете навиката за користење цуцла кај вашето дете:
- Самовила која собира цуцли. Малите деца лесно се фасцинираат од измислени мистични суштества, па сведете ја вашата задача на забавна активност. Кажете му на детето дека постои самовила која ги заменува цуцлите со сликовници или играчки и дека сè што треба да направи е пред спиење да ја стави цуцлата под перница за следното утро на нејзино место да го пронајде подарокот за кој мечтае (суперхерој, барбика, сликовница...) Се разбира, самовилата ќе бидете вие.
- Доаѓа Дедо Мраз. Ако периодот за одвикнување се совпаѓа со доаѓањето на Нова година, кажете му на детето дека Дедо Мраз ги зема цуцлите, но на нивно место носи кеси полни со солени и слатки задоволства и играчки. Доколку по „доаѓањето“ на Дедо Мраз вашето малечко повторно ја побара цуцлата, кажете му дека за да ја добие назад, треба да ги врати сите нови играчки.
- Цуцлата живее само во детското креветче. Ова е стратегија за постепено одвикнување. На почетокот, ќе му кажете на детето дека цуцлата живее само во вашиот дом и не излегува надвор, односно дека може да ја користи само додека сте дома. По извесен период, ќе му кажете дека сега цуцлата живее само во неговото креветче, односно дека ако сака да ја користи, ќе мора да биде во креветчето. Многу деца не би се откажале од игрите или гледањето на цртани филмови само заради цуцлата, па така лесно ќе ја прекинете употребата на цуцла во текот на денот.
- Саботажа на цуцлата. Многу родители тврдат дека успешно ја отстраниле цуцлата од устата на нивните деца со овој метод. Сечете ја цуцлата малку по малку секој ден додека таа целосно не исчезне или дупнете ѝ мало дупче на врвот. Оштетената цуцла не му го дава на детето истото задоволство како здравата.
Внимание! Доколку го изберете овој метод морате да бидете внимателни и постојано да го набљудувате вашето дете поради опасност од задушување доколку се откине мало парче од цуцлата. - Искористете го летниот одмор. Кога ќе одите на одмор, кажете му на детето дека сте ја заборавиле цуцлата дома и дека за да се вратите треба да го оставите морето или езерото.
- Ограничете го времето за користење цуцла. Доколку вашето малечко по цел ден е со цуцлата во уста, постепено започнете да му го ограничувате времето. На пример, извадете му ја од уста цуцлата и тргнете ја од видик додека играте, читате книга, се бањате или гледате цртан филм. Далеку од очи далеку од срце мислите. Малку по малку ќе успеете да ја сведете нејзината употреба само за спиење. Ова е метод за постепено одвикнување.
- Шоп-шопинг! Одете на шопинг во омилената продавница на вашето дете и кажете му дека за да си ја купи посакуваната играчка ќе мора да плати на касата со сите свои цуцли, кои се разбира ќе ги понесете со себе. Однапред договорете се со продавачката или продавачот за да ви помогне при „плаќањето“. Новата играчка ќе ви послужи како предмет за одвлекување на вниманието кога е потребно.
- Изберете специјален датум. Тоа може да биде неговиот роденден или омилениот празник. Подгответе го вашето малечко однапред дека на тој датум ќе ја фрлите цуцлата бидејќи тоа ќе биде „Големо дете“, а потоа придржувајте се до договореното. Може да направите мала забава на која ќе го пофалите пред најблиските.
- Лош вкус! Одете во аптека и побарајте производ со лош вкус кој е безбеден за консумирање, а потоа дајте ѝ лош вкус на цуцлата.
- Завиткајте ја и подарете му ја на друго бебе. Кажете му на вашето малечко дека новите бебиња имаат потреба од цуцла и дека треба да им ги даде неговите цуцли, како што нему му ги подариле поголемите дечиња кога бил мал. Доколку познавате родители со новороденче, завиткајте ја цуцлата како подарок и подарете му ја на новото бебе. Кога следниот пат ќе го слушнете зборот „цуце“ ќе имате што да одговорите.
- Прочитајте сликовница или гледајте цртан филм на оваа тема. Доколку можете да најдете сликовница со детенце кое се откажува од својата цуцла лажалка, купете ја и често прелистувајте ја со вашето дете. На интернет има многу цртани филмови како алтернатива на сликовницата. Гледајте заедно и полека и трпеливо објаснувајте му на вашето сакано што се случува и зошто главниот лик се откажува од својата цуцла.
Пример: - Прикачете ја на балон и испратете ја на небото. Врзете ја цуцлата на балон со хелиум, а потоа дајте му го балонот на вашето дете. Кажете му да ја испрати во небото кога ќе биде подготвено, но потенцирајте дека откако еднаш ќе ја пушти, таа нема да се врати. Може да смислите приказна дека цуцлата се претвора во ѕвезда и сл.
Совети
При одвикнување на детето од користењето на цуцла треба да ги земете предвид следниве препораки:
- Не го правете тоа за време на периоди на транзиција (стресни периоди) како доаѓање на ново братче или сестриче, преселување, болест, загуба на член од семејството или миленик и сл.
- Не користете сила. Наместо да користите негативни методи како викање, споредување со други деца, казнување и забрани, фокусирајте се на позитивните.
- Почекајте бебето да наполни барем 6 месеци. Тогаш ризикот од ненадејна смрт на новороденче опаѓа.
- Многу педијатри советуваат дека периодот пред првиот роденден е одличен за оваа транзиција затоа што детето сè уште не е премногу зависно. Но, вие најдобро го познавате вашето дете. Само запомнете, колку порано ќе го направите тоа, толку полесно ќе успеете.
- Доколку не сте единствена личност која го чува вашето дете, кажете им и на другите да се придржуваат кон вашите инструкции.
- Бидете доследни. Стојте зад својата одлука откако еднаш ќе ја донесете. Не попуштајте на првото плачење. Кризата ќе трае само неколку дена (просечно ТРИ лоши дена). Откако еднаш ќе му ја земете цуцлата на вашето дете, нема враќање назад.
Имате ли вие метод со кој сте го одвикнале вашето дете од оваа навика? Споделете го со другите родители во коментарите.