Почетна » Семејство » Дете » 18 лекции кои треба да ги научиме од малите деца

18 лекции кои треба да ги научиме од малите деца

Дете може да нè научи 3 работи: да бидеме среќни без причина, секогаш да бидеме љубопитни и да се бориме неуморно за она што го посакуваме.

Пауло Коелјо

Децата умеат да сакаат безрезервно, да опростуваат искрено, да му се радуваат на животот безгранично. Тие мали неодоливи суштества се бескрајно љубопитни и сè што прават, прават со огромен ентузијазам. За разлика од нив, ние возрасните трчаме низ животот, грижејќи се повеќе за обврските отколку за сопствената среќа. Годините и искуството кое доаѓа со нив нè тераат да ја заборавиме безгрижноста од детските денови и ни ја одземаат способноста да ги цениме нештата кои некогаш нè фасцинирале.

Дете

Децата можат да нè научат на прекрасни животни лекции. Тие можат да бидат наши спиритуални учители, наши гуруа. Еве некои од нив:

  1. Сакајте безусловно. Децата не гледаат никакви интереси кога сакаат и не се плашат да ја покажат својата љубов. Тие ќе ве прегрнат со сета своја сила, не очекувајќи ништо за возврат. Нивните лица блескаат од среќа кога ќе ве видат, дури и ако сте биле разделени само неколку часа, поттикнувајќи ве да се запрашате со што сте го заслужиле тоа. Децата не ве сакаат за да добијат нешто подобро за возврат, туку тие само сакаат, чисто, безусловно.
  2. Радувајте им се на малите нешта. Погледнете го светот низ очите на мало дете и ќе видите колку е фасцинантен. Малите нешта имаат потенцијал да нè инспирираат и децата го знаат тоа. Тие можат со часови да ѝ се радуваат на водата на плажа, на птиците кои летаат над нивните глави, на дождот... „Уживајте во малите нешта, еден ден можеби ќе погледнете назад и ќе сфатите дека тие биле големи“ – Роберт Браулт.

    Дете
  3. Гледајте го секој ден како шанса за нов почеток. Малите деца не ги пренесуваат проблемите од еден ден во друг. Тие ги оставаат минатите грешки во минатото, трудејќи се да го направат секој ден најдобар во нивниот живот.
  4. Танцувајте како никој да не ве гледа. Покажете ги вашите најлуди танцувачки движења. Внесете се во моментот и дозволете си да бидете понесени од ритамот. Задоволството е гарантирано.
  5. Еден пријател е повреден од цела соба полна со играчки, односно пријателствата се поважни од богатството. На децата, играчките им се вистинско богатство, но тие веднаш би се откажале од нив за да се забавуваат со свое другарче. Ќе видите повеќе насмевки и уживање додека две деца трчаат отколку кога едно дете игра само во просторија преполна со забавни играчки.
  6. Болката најбрзо исчезнува со бакнеж и љубов. Кога мало дете ќе падне, веднаш дотрчува до својата мајка за да го бакне и гушне. Неговите солзи веднаш секнуваат штом ќе ја почувствува љубовта. Истражувањата покажуваат дека бакнежите, прегратките и допирите од саканите личности имаат моќ да ја намалат и емоционалната и физичката болка.

    Дете
  7. Живејте со отворен ум. Децата не си поставуваат ограничувања и со отворен ум примаат сè што им нуди светот.
  8. Слободно покажувајте ги своите чувства. Возрасните ги маскираат своите вистински чувства и со текот на времето се трудат да бидат што повешти во тоа. Од друга страна, децата дозволуваат нивните постапки да бидат диктирани од нивните емоции. Плачат кога се тажни, се смеат гласно кога се радосни, гушкаат и бакнуваат кога ќе добијат желба за зближување, викаат кога се бесни...
  9. Сонувајте големи соништа. Прашајте мало дете што сака да биде кога ќе порасне, а тоа без размислување ќе ви одговори „Пилот“, „Доктор“, „Астронаут“... Детските соништа се без граници и тие веруваат дека можат да ги остварат.

    Дете
  10. Поставувајте прашања... многу. Милиони недоразбирања се раѓаат од фактот што луѓето обожаваат да си носат свои заклучоци и претпоставуваат наместо да прашуваат. Децата имаат милиони прашања и не се плашат да ги изговорат гласно.
  11. Живејте во моментот. Децата не живеат во минатото, ниту пак се грижат премногу за иднината. Тие не кројат големи планови, туку живеат спонтано. Знаат да се внесат во она што го прават во моментот и уживаат во секоја секунда.
  12. Слушајте го и сакајте го своето тело. Децата јадат кога се гладни, спијат кога се уморни, пијат кога се жедни... Тие се борци кои не дозволуваат ништо да им застане на патот кон задоволување на нивните потреби. Уживајте и сакајте го своето тело. Читајте ги знаците кои тоа ви ги испраќа и не го злоупотребувајте во име на обврските.
  13. Смејте се гласно, без воздржување. Тажен е фактот дека деновите на многу возрасни лица минуваат без ниту една искрена насмевка. Треба да ја украдеме склоноста на малите деца да наоѓаат радост насекаде околу себе и да се смеат наглас, без задршки. Најмалите немаат време за размислување дали и како да се смеат... Тие се смеат наглас каде и да посакаат. Се смеат и за наједноставните работи. „Ден без смеа е залудно потрошен ден“ – Чарли Чаплин.

    Дете
  14. Вежбањето може да биде забавно. Се сеќавате ли колку уживавте како деца во трчањето, многуте игри, качувањето по дрвја? Децата вежбаат постојано, но не затоа што е здраво, туку затоа што е забавно. Возрасните треба да се потсетат колку забавна може да биде физичката активност.
  15. Не ја скротувајте љубопитноста. Љубопитноста има моќ да ве однесе на нови територии, да ви отвори илјадници можности. Секој ден потсетувајте се дека пред вас имате цел нов свет за истражување. Бидете љубопитни за сè. Копирајте го ентузијазмот на малите додека земаат, гледаат, допираат, вкусуваат и истражуваат нови работи.
  16. Простувајте од срце. Децата не знаат да чуваат лутина во себе. Две деца може да се караат за играчка во еден момент, а веќе во следниот, да се гушкаат и бакнуваат како ништо да не било. Тие простуваат и забораваат брзо, а ние треба да учиме од нив.
  17. Почесто влегувајте во виорот на фантазија. Малите деца можат со часови да се забавуваат само со наједноставна играчка и со нивната фантазија. Таа им овозможува да откриваат нови работи не само за себе, туку и за светот околу себе.
  18. Бидете храбри и ризикувајте. Децата се бестрашни... возат велосипед без да се држат за воланот, полни со доверба ја ставаат раката во устата на животните, без задршки ја плескаат вистината в лице. Животот не е совршен, но е премногу краток. Дури и да се сопнете и да паднете, некои ризици вреди да ги преземете. „Човекот не може да открива нови океани ако нема храброст да го изгуби од видик брегот“ – Андре Жид.

    Дете

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20788 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.