Почетна » Семејство » Бременост » Д-р Ирена Гошева: Како се дијагностицира бременост и што се случува во првите недели од зачнувањето?

Д-р Ирена Гошева: Како се дијагностицира бременост и што се случува во првите недели од зачнувањето?

Нормално бременоста трае околу 40 недели или 280 дена и започнува да се брои од првиот ден на последниот менструален циклус. Во една Шведска студија, уште во 1990 година, на 427.581 единечни бремености, заклучиле дека просечното времетраење на бременоста било 281 ден, со стандардна девијација од 13 дена.

Бременоста вообичаено ја категоризираме во 3 еднакви временски епохи или триместри, на апроксимативно 3 календарски месеци.

  • Прв триместар: Од зачнување до 13-та гестациска недела
  • Втор триместар: Од 14-та до 28-ма гестациска недела
  • Трет триместар: Од 29-тата до 42-рата недела.
Бременост

Секој триместар има свои карактеристики по однос на растот и развојот на плодот и физолошки промени кај трудницата, но и компликации. На пример, најголемиот дел од спонтаните абортуси настануваат во првиот триместар, додека најголемиот дел од хипертензивните нарушувања се јавуваат во третиот триместар.

Првите 2 недели по овулацијата и фертилизацијата, зачетокот се развива и 4-5 дена по фертилизацијата се диференцира во бластоциста, a 6-7 дена по фертилизацијата, бластоцистата се имплантира во матката. Потоа, со фазата на имплантација, започнува и фазата на плацентација.

На почетокот на третата недела по овулација и фертилизација, консептусот се нарекува ембрион. Ембрионалниот период трае 6 недели и се карактеризира со период на органогенеза. Ембрионалниот диск е добро дефиниран и може да лачи бХЦГ, со што и ќе се детектира како позитивен тест за бременост во овој период.

Во четвртата недела се формира кардиоваскуларниот систем. На крајот од петтата недела сакусот е голем околу 1 см, а ембрионот е 3 мм. Се формираат пупките за екстемитетите. На крајот од шестата недела ембрионот е 9 мм долг и невралната туба се затвора. До крајот на осмата недела плодот е долг 22 мм.

Транзицијата од ембрионaлен во фетален период настанува 7 недели по фертилизација или 9 недели од првиот ден од последна менструација. Феталниот период се карактеризира со раст и матурација.

Дијагноза на бременост:

Дијагноза на рана бременост се поставува со лабораториско иследување на bHCG (human chorionic gonadotropin) преку урина или крв + ултрасонорафија (ехо). Анамнезата, односно податоците што ги дава пациентката и клиничкиот преглед не се многу точни, но може да помогнат за поставување на дијагноза.

Human chorionic gonadotropin – хормон кој се испитува преку крв или урина. Овој хормон се создава од самиот ЗАЧЕТОК/КОНЦЕПТУС и почнува да се лачи веднаш по имплантација на зачетокот во матката, односно 8-10 дена по оплодување. Па така, најрано може и тогаш да биде детектиран, но со серумски тест. Концентрацијата на хормонот се дуплира во крвта на секои 48 часа, за време на првите 30 дена од имплантацијата. Ако не се дуплира концентрацијата на хормонот, тогаш можеби станува збор за ектопична (вонматерична) бременост или за претстоечки абортус. Пикот на хормонот е од 8-ма до 10-та гестациска недела, просечно 60.000 до 90.000 milli-international units/mL, но сепак голема е варијацијата во долната и горната референтна граница, па затоа и вредноста на хормонот не се користи за проценка на гестациска старост, односно во која гестациска недела е трудницата. Концентрацијата на хормонот е релативно константна од 20-та недела до терминот за породување.

За тестот да биде позитивен (HCG) има неколку фактори:

  • каква е цикличноста на менструалниот циклус
  • на колку време добива менструации и
  • кога била овулацијата.

Кај пациентки кои на 8-миот ден имале овулација, HCG може да се детектира дури и преку урина на 16-тиот односно 17-тиот ден од менструалниот циклус (ако првиот ден е денот кога добива менструација). Но, кај најголемиот број жени овулацијата настанува помеѓу 14-тиот и 17-тиот ден, значи оттогаш треба да поминат 2 недели за тестот да биде позитивен.

Бременост

Типови на тест за бременост:

  • Тестовите преку урина (комерцијалните тестови за бременост) не детектираат многу ниски нивоа на хормонот, па така тестот може да биде лажно негативен, доколку бременоста е многу рана.
  • Тестот преку крв, односно серум, ќе биде позитивен во периодот/деновите, околу очекуваната менструација. Концентрацијата на хормонот е многу повисока во серум, отколку во урина, па затоа и тестот преку крв може да биде позитивен, додека комерцијалниот тест преку урина да покажува негативен резултат.

Серумски може да се испитува квалитативно (односно позитивен/негативен) и квантитативно – односно точна концентрација изразена бројчано на хормонот - ова е најточен метод. Најголемиот проблем на комерцијалните тестови за бременост преку урина е стапката на ЛАЖНО НЕГАТИВЕН тест, бидејќи тестот најчесто прерано се прави. Доколку има сомнение за бременост, а тестот е негативен, истиот треба да се повтори за една недела. Жените со ирегуларни менструални циклуси или оние што не знаат кога била последната менструација, најдобро е тестот да го направат 14 дена, од најпоследниот незаштитен сексуален однос.

Во многу ретки случаи и самиот тест не може да препознае специфични изоформи на хормонот и може да даде лажно негативен резултат.

Доколку на пациентките еден ден им доцни циклусот и го направат тестот преку урина, во поголеми студии се смета дека 46% од бремените, ќе имаат лажно негативен тест. Дел се должи на различните денови на овулација и фертилизација, дел на сензитивноста и специфичноста на тестот.

Точноста на тестовите, односно нивната сензитивност варира во зависност од типот на тестот и со доцнење на еден ден од циклусот точноста на одредени тестови може да биде 97%, а кај други 54%.

Многу ретко тестот може да биде позитивен, а жената да не е бремена.

  • Биохемиска бременост, која се исфрлила како спонтан абортус,
  • Егзоген внес на хромонот (при третман на инфертилитет),
  • Тумор кој го лачи овој хормон,
  • Мешање од други антитела кои се врзуваат за хормонот, а не се специфични за него.

При позитивен тест, пациентката треба да се јави на гинеколог за да се потврди бременост, дали е интраутерина или ектопична, дали е нормална бременост и да се дискутира дали е планирана и сакана бременоста.

Медицина

Д-р Ирена Гошева
Гинеколог-акушер
„Њуборн Клиника“

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20774 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.