Почетна » Семејство » Бременост » 12 нешта кои никогаш не треба да ѝ ги кажете на бремена жена

12 нешта кои никогаш не треба да ѝ ги кажете на бремена жена

Бременоста е еден од највозбудливите и најубавите периоди во животот на една жена, но исто така и еден од најемотивните и најкомплицираните. Во поплавата од совети, прашања и комплименти кои секојдневно стигнуваат до идните мајки, има и многу такви кои го скокнале филтерот за лоши манири.

Бремена жена

Не, нема ништо лошо во тоа да разговарате со идната мајка и да го споделите своето искуство, но само ако знаете каде да застанете. Некои коментари е подобро да си ги задржите само за себе. Еве дел од досадните и иритирачки реченици и прашања кои идните мајки не сакаат да ги чујат:

„Дали беше планирано?“

Сигурно не очекувате идната мајка да го нарече своето бебе „грешка“ само за да ви го даде одговорот кој го барате со ова грубо прашање. Важно ли е дали личноста која ви ја споделува прекрасната вест со месеци се обидувала да остане трудна, или пак, неочекувано открила дека во својот стомак носи нов живот? Важно е само дека таа блеска од среќа, а вие со вашето непријатно прашање може за секунда да го уништите тоа чувство. Затоа, наместо да изигрувате уништувач на забава, кажете ѝ од срце „Честитам!“ и споделете го нејзиниот ентузијазам.

„Сигурно си разочарана што не е момче. Знам колку сакаше син.“

На овој коментар секоја идна мајка би сакала да врисне „Не, единствено што сакам е здраво бебе“. Дури и да имала претенции кон некој пол, може ли да го врати ова бебе и да ѝ испратат ново, од другиот пол? Не. Затоа воздржете се од непотребни коментари. И вам не би ви било мило доколку некој ви каже дека вашето девојче е разочарување, нели?

„Сигурна си дека не се близнаци?“

Се разбира дека е сигурна. Но, исто така е сигурна дека вашиот коментар е инспириран од нејзините килограми. Таа е свесна за својата тежина, но и има изговор за истата – носи живот во себе. А, кој е вашиот изговор за лошото однесување?

„Многу си слаба. Воопшто не ти се познава дека си бремена. Јадеш нешто?“

Знаете ли колку загрижува ова прашање? Дури и вашата намера да била добра и да сте сакале да ѝ дадете комплимент за тоа што успеала да ја зачува својата форма, за идната мајка нема да прозвучи така. Кај неа веднаш ќе се појави сомнеж дали се храни правилно или не. Освен ако не сте доктор, воздржете се од вакви коментари. И се разбира, не правете го најлошото – да се обидувате насила да ја нахраните и да ѝ се качувате на глава при секој прескокнат оброк.

„Многу сериозно си го сфатила советот да јадеш за двајца.“

Да, можеби ви доаѓа да го кажете тоа зјапајќи во нејзината огромна порција, но пожелно е да се воздржите. Таа сигурно е свесна дека не е здраво да јаде огромни порции. Но, ако вашата пријателка веќе донела одлука да потклекне пред искушението, вашиот невкусен коментар само ќе ѝ го загорчи јадењето, но нема да го промени нејзиното однесување.

„Леле колку сум здебелена. Од утре започнувам со диета.“

Не е тешко да разберете зошто е глупава ваквата изјава. Замислете само, стоите пред жена која треба да се породи за неколку недели и која е подуена како балон, а вие се жалите дека сте качиле 1-2 килца. Диетата е најглупавата тема за разговор кога сте со бремена жена, па по секоја цена прескокнете ја.

„Не треба да пиеш кафе, не треба да вежбаш многу, не треба да лежиш во када со жешка вода...“

Благодарност до вас докторке, но сигурно вашата пријателка веќе ги презела сите мерки за да се информира што е добро, а што не за време на бременоста. Таа знае дека кофеинот може да му наштети на бебето, но понекогаш сака да се напие утринско кафе. Па, нема потреба да кревате паника само поради една шолја кафе.

„Да ти кажам, сестрата на една моја колешка [хорор приказна за бременоста]“

Сигурно вашата пријателка не би сакала да чуе како некоја се породувала два дена и за малку не го изгубила бебето. Идните мајки се доволно загрижени за состојбата на нивното најмило, па не им треба дополнително трауматизирање со лоши случки кои ни самите не знаете дали се вистинити. НИКОГАШ, ама никогаш, не ѝ раскажувајте за ваши познаници кои го изгубиле бебето. Можете да го споделите сопственото искуство, но не раскажувајте хорор приказни. На крајот на краиштата, секоја бременост е различна.

„Избравте име за детето?“/ (Нејзиниот одговор) / „Воопшто не го сакам тоа име, ме потсетува на...“

Никому не му е грижа дека девојката која во средно ви го украла саканиот се викала Марија или дека професорката која најмногу сте ја мразеле во средно се викала Соња. Наместо да ги редите сите имиња на луѓе кои ви згрешиле во животот, учтиво речете „Прекрасно име“. Избирањето на име за детето е едно од нештата за кои идните родители тешко се усогласуваат. Па, сигурно нема да ја минат истата процедура на „преговори“ само поради вашиот коментар.

„Јас мислам дека треба да го доиш.“

Секоја жена има слушнато дека мајчиното млеко е најдобро и дека сите мајки треба да ги дојат своите бебиња. Но, не мислите ли дека тоа треба да биде избор на мајката, а не ваш? Можеби таа има здравствен проблем или некоја доволно силна причина за да се одлучи за вештачка исхрана. Вашето мислење не е важно, па можете да си го зачувате за себе. Освен ако не сте многу блиски, оваа тема треба да остане затворена.

„Може да ти го допрам/видам стомакот?“

Кога стојат пред бремена жена, на повеќето луѓе инстинктивно им доаѓа да ја пуштат раката за да ѝ го погалат стомакот. Но, само затоа што една жена е бремена, не значи дека секој може и смее да го допира нејзиниот стомак. Сепак, тој дел од нејзиното тело не е јавна сопственост. Љубезно би било да побарате дозвола. Но, добро е да знаете дека таа би ви рекла „Да“ само од љубезност. Ако не сте доволно блиски со неа, подобро е да се воздржите од поставување на такви прашања.

„Уживај уште овие неколку месеци. Потоа ќе плачеш.“

Секоја бремена жена е свесна дека откако бебето ќе дојде на свет нејзиниот живот ќе се промени засекогаш, особено во првите неколку месеци, кога сонот ќе биде луксуз што ретко ќе може да си го дозволи. Не е потребно да го слуша тоа на секои пет минути, а посебно не ако доаѓа од устата на одморена личност која досега не поминала низ истото. Освен ако не сте нова мајка која добронамерно сака да сподели дел од своето искуство, прескокнете ги речениците како „Спиј додека можеш“, „Нема повеќе безгрижни излегувања“ или „Наскоро ќе се грижиш само за тоа дали имаш чисти пелени“.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20831 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.