Почетна » Семејство » Бебе » Растењето на првите запчиња кај бебињата

Растењето на првите запчиња кај бебињата

Првите запчиња кај бебињата предизвикуваат голема радост кај родителите, бидејќи слатката бебешка насмевка така станува уште понеодолива.

Кога се појавуваат првите запчиња?

Растењето на забите кај бебињата е индивидуално. Во просек, првото запче се појавува околу 6-тиот месец. Но, никнувањето на првиот „бисер“ може да се случи од 3-тиот до 12-тиот месец и тоа не треба да ги загрижува родителите. Голема улога игра наследниот фактор, односно ако вам и на вашиот партнер рано ви се појавиле првите заби, тогаш голема е веројатноста тоа да се случи и со вашето најмило. Во ретки случаи, бебето може да се роди со веќе изникнато запче.

Бебе со првите изникнати запчињаВо просек, првото запче кај бебињата се појавува околу 6-тиот месец

Најпрво се појавуваат долните предни заби, а 1-2 месеци подоцна се појавуваат и предните запчиња на горната вилица. До 3-тиот роденден детето би требало да ги има сите 20 млечни или како што некои ги нарекуваат, бебешки заби.

Детето започнува да ги губи млечните запчиња на возраст од 4-6 години, период кога започнуваат да растат постојаните заби.

Симптоми при растењето на првите заби

Никнувањето на првото запче може да помине незабележано од страна на родителите. Бебето може да не покаже никакви симптоми, запчето да изникне преку ноќ, а родителот да дознае дури откако лажичката при хранењето ќе чукне на малото запче.

Сепак, голем дел од бебињата покажуваат различни симптоми, како зголемено лачење на плунка, нагон за гризење, зголемена чувствителност на непцата и сл. Еве кои се типични знаци и симптоми што се појавуваат за време на никнувањето на првите заби:

  • Лигавење. Зголеменото лачење на плунка е еден од знаците дека првиот заб сака да се појави. Лигавењето може да започне околу два месеци пред самото никнување;
  • Отеченост на непцата и зголемена осетливост;
  • Зголемен нагон за гризење;
  • Ставање на различни предмети в уста;
  • Плачење, раздразливост и знаци на нервоза.

Овие симптоми најчесто се појавуваат 3-5 дена пред никнувањето на забот и исчезнуваат откако забот ќе ја пробие површината на непцето.

Многу родители веруваат дека никнувањето на забите предизвикува дијареја и покачена телесна температура, но голем дел од експертите сметаат дека ова не е точно. Експертите советуваат родителите да не се двоумат да се консултираат со доктор ако сметаат дека некои симптоми се влошуваат или ако се појави зголемена телесна температура или дијареја.

Како да му помогнете на вашето бебе?

Периодот пред појавата на запчињата може да му донесе многу нервоза на вашето бебе. Па, постојат неколку нешта кои можете да ги направите за да му помогнете полесно да се справи со евентуалната болка и зголемената чувствителност:

  • Дајте му играчка за џвакање. Денес постојат најразлични гуми наменети да му помогнат на вашето бебе при никнувањето на забите.
  • Разладете му ги непцата. Иритацијата на непцата може да предизвика голема нервоза кај вашето бебе. Ставете ја гумата за гризење во фрижидер за да се разлади. Но, не претерувајте. Ако е многу ладна, таа може да му причини болка. Ладната играчка или ладна мокра крпа ќе му ги разладат непцата. Исто така, можете да му дадете малку ладен јогурт.
  • Нежно тријте му ги непцата. Измијте си ги темелно рацете и со помош на показалецот нежно тријте го местото кое гледате дека е отечено и зацрвенето. Можете да користите и мека крпа. Притисокот што вие ќе го нанесувате ќе направи вашето бебе да се почувствува подобро.
  • Редовно бришете му ја плунката. Поради зголеменото лачење на плунка кај вашето бебе, плунката може да тече по нежната кожа околу устата и брадата и да предизвика иритација на кожата. Редовно бришете ја плунката со помош на мека крпа која лесно апсорбира, но никако не тријте.

Грижа за првите запчиња

Уште со појавата на првото запче кај вашето најмило, треба да започнете да ги чистите забите за да ги одржувате здрави. На почетокот користете влажна газа или мека крпа. Ставете ја на вашиот показалец и нежно истријте го запчето и од предната и од задната страна.

Во идеален случај, мајката би требало со газа или крпа да ги чисти непцата на своето бебе дури и пред да се појави првото запче.

Откако ќе се појават неколку запчиња, започнете да користите мала четка за заби со меки влакна. Со нејзина помош мијте ги запчињата два пати дневно, користејќи само вода.

Пастата за заби треба да започне да се употребува кога детето ќе може да ја исплука по миењето, т.е. околу 2-годишна возраст.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19748 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.