Пина Колада е сладок коктел кој во себе содржи рум, кокосов крем и сок од ананас. Најчесто се служи со издробен мраз. Тој е еден од најраспространетите коктели низ баровите во Македонија, но тоа не треба да ве спречува да си направите свој во домашни услови.
Потекло
Се смета дека Пина Коладата потекнува уште од 20 век, кога во Куба бил создаден пијалок кој се нарекувал piña fria (студен ананас). Се правел од дробен ананас, шеќер и мраз.
Модерниот коктел Пина Колада се верува дека е создаден во бар во Сан Хуан, Порторико, во 1950г. Поради тоа, во 1978г. овој коктел е прогласен за официјален коктел на Порторико.
Состојки
30ml | бел рум |
30ml | кокосов крем (или кокосово млеко) |
30ml | сок од ананас |
мраз |
Подготовка
- Чашата во која ќе го служите коктелот наполнете ја со мраз и оставете ја настрана.
- Ставете ги во блендер румот, кокосовиот крем, сокот од ананас и 8 коцки мраз. Потоа пуштете го блендерот да меша додека мразот целосно не се издроби. Треба да добиете скоро хомогена смеса.
- Испразнете ја чашата којашто претходно ја ставивте да се лади, а потоа налејте ја во неа смесата од блендерот.
- Украсете со парче ананас, мараскино цреша, две сламки и коктел чадорче.
Можете да употребите различни количини на дадените состојки. Пример: ако сакате посилен коктел, употребете двојно количество на рум (60ml). Некои сметаат дека оригиналниот рецепт препорачува 45ml бел рум, 90ml кокосов крем и 180 ml сок од ананас.
Ако сокот од ананас е блуткав или киселкав, додајте во коктелот шеќер во прав.
Варијации
- King Henry – на коктелот Пина Колада додајте му вотка.
- Piñita Colada (девствена Пина Колада) – без рум.
- Chi Chi – вотка наместо рум.
- Amaretto Colada – амарето наместо рум.