Историја на коктелот Мохито
Коктелот Мохито потекнува од Куба, но има различни приказни за тоа како е создаден. Според една приказна коктелот Мохито е создаден во 16 век од пиратот сер Френсис Дрејк, кој го подготвувал со примитивна верзија на рум, шеќер, зелен лимон и нане. Коктелот направен од тие состојки се нарекувал „El draque“ или „Змејот“.
Според друга верзија, Мохито е создаден во 19 век од робовите кои што работеле на полињата со шеќерна трска.
Многумина сметаат дека вистинскиот дом на овој коктел е ресторанот „La Bodeguita del Medio“ во Хавана, каде што Ернест Хемингвеј бил лојален гостин.
Состојки
50ml | бел рум (Havana Club, Bacardi) |
2 ч.л. | шеќер |
1 | зелен лимон |
10 | ливчиња од нане |
мраз | |
газирана вода |
Подготовка
Мохито се служи во висока чаша без рачка.
- Ставете ги во чашата ливчињата од нане и зелениот лимон исечен на 4 парчиња.
- Додајте го шеќерот и со помош на толчник започнете да ги гмечите состојките. Со тоа аромата од нането се меша со аромата од лимонот.
- Наполнете ја чашата со мраз и потоа додајте го румот и газираната вода. Мешајте со сламка за да се раствори шеќерот.
Можете да користите шеќерен сируп или шеќер во прав наместо обичен шеќер. За да направите шеќерен сируп загревајте вода и шеќер во однос 1:1 и мешајте додека шеќерот не се раствори. Некои употребуваат Спрајт наместо газирана вода.
- Украсете со парче зелен лимон.
Варијации
Постојат различни верзии на овој коктел. Оригиналното Бакарди Мохито се прави со: 12 ливчиња нане, ½ зелен лимон, 45ml Бакарди бел рум, 2 супени лажици шеќерен сируп и малку газирана вода.
Експериментирајте и обидете се да создадете ваша верзија на освежителниот коктел Мохито.