Џеси Џеј е среќна мајка. Славната пејачка со целиот свет ја споделува радоста која дојде во нејзиниот живот со раѓањето на нејзиното синче.
Еден месец по породувањето, 35-годишната музичка ѕвезда објави видео со снимки од породувањето и растењето на бебенцето, а нејзиниот партнер Чанан Сафир Колман го откри името на новороденчето.
Во видеата, Џеси рони солзи-радосници и го држи за првпат синчето кое го доби името Бен Шели, а Чанан ја пресекува папочната врвца.
„Утре, ти ќе имаш еден месец. Се чувствувам како ова да беше еден долг и најдобар ден во целиот мој живот. Мама и Тато те сакаат повеќе од сè на светот. Ако ме следите на моето патување, многу често ја споделував мојата болка. Сега ве молам придружете ми се во споделувањето на мојата радост“ – напиша Џеси, која доживеа спонтан абортус во ноември 2021 година.
Пред пет години, во 2018 година, Џеси сред концерт сподели дека докторите ѝ рекле дека никогаш нема да може да има деца. За да се справи со болката, таа ја напишала песната „Four Letter Word“.
„Пред четири години ми кажаа дека никогаш нема да можам да имам деца. Ова не ви го кажувам за да ме сожалувате, бидејќи јас сум една од милионите жени и мажи кои минале низ ова и ќе минат низ ова“ - призна таа.