Џастин Тимберлејк беше уапсен и одведен во полициска станица затоа што возел под дејство на алкохол во Хемптонс.
43-годишниот пејач бил запрен од полициски службеник откако со голема брзина поминал на место каде што имало знак „Стоп“. Тој одбил алкотест и тврдел дека испил само едно мартини.
Полицаецот кој го застанал Тимберлејк воопшто не знаел кој е тој, па кога пејачот рекол дека ова ќе му ја уништи турнејата, тој прашал „Каква турнеја?“. Џастин рекол: „Светската турнеја“.
„Очите му беа крвави, од неговиот здив се ширеше силна миризба на алкохолен пијалак, не можеше да го задржи вниманието, имаше забавен говор, чекореше нестабилно и имаше лоши резултати на сите стандардни теренски тестови за трезвеност“ – стои во неговиот извештај, кој беше поткрепен со фотографија од пејачот.
Тимберлејк пиел алкохол и се забавувал со пријателите во бар во Саг Харбор, Њујорк, пред да седне зад воланот од неговиот автомобил. Сведок за The New York Post рекол дека Џастин бил многу пијан и дека пиел туѓи пијалаци од друга маса.
Вчера, Џастин беше пуштен од полициската станица, но треба да се јави во суд на 26 јули.
Тој е во брак со актерката Џесика Бил и заедно имаат две деца.