Шакира беше наградена за својата хуманитарна работа на Светскиот економски форум, кој се одржа во Давос, Швајцарија. На настанот, 39-годишната пејачка се појави во црн комбинезон со широк колан на половината.
Музичката ѕвезда заслужено беше почестена со награда ако се земе предвид фактот што таа долго време ја има улогата на амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ и се бори за образование на децата во Колумбија преку својата добротворна организација „Pies Descalzos“.



Во својот говор, славната Колумбијка повика за поголемо залагање и инвестирање во образованието на децата во земјите во развој.
„Треба да нè скрши фактот што во 2017 година сè уште има 250 милиони деца под 5 години кои сè уште се во ризик, кои веројатно ќе бидат со забавен физички и интелектуален развој. Размислете за тоа за секунда. Зборуваме за бројка приближно иста со населението на цела држава со големина на САД. Тоа е трагедија за тие деца и епски, епски неуспех за сите нас“ – изјави таа.









