Музички викенд ја раздвижува Битола. Вечерва беше отворен „Фестивалот на музика од светот“ во Градот на конзулите.
На свеченоста во Центарот на културата, директорката Маја Андоновска-Илијевски ѝ се обрати на големата публика.
„Особена чест ми е да го најавам 11-тото издание на Фестивалот на музика од светот, фестивал кој 11 години се запишува како нешто што значи многу за нашиот град. Големи музички имиња застанувале на оваа сцена во Центарот за култура, големи музички имиња затоа што музиката е жител на светот. Егзистира на сите меридијани, на сите континенти, ги говори сите јазици.“
„Битола е градот во кој музиката има посебно место. Не случајно рекле дека најдобрите музичари во нашата земја имаат своја адреса во Битола. Затоа, вечерва, заклучно со недела вечер, да ја обоиме Битола во боите на Фестивалот на музика од светот. Со хармониката на Хели да ги растопиме финските снегови со танго, со вокалот на Јелена да го разбрануваме секој океан, а со Агушеви да го активираме својот личен вулкан на љубов и страст кој го чуваме во себеси. Битолскиот камерен оркестар ќе биде вистински џентлмен придружник на сцена на двете дами, со што даваме свој сопствен шарм на овој голем фестивал. Светот е во Битола, а Битола е во светот“ - рече во својот говор Андоновска-Илијевски.
Хели Сиекинен ја започна низата од музички настани кои ќе им ги разгалуваат сетилата на публиката не само во Центарот на културата, туку и во три битолски кафулиња. Финската музичарка, која е виртуоз на хармоника, со концертот „Танго“ го означи стартот на 11-тото издание на Фестивалот.
Музичкото патување на Хели започнува на нејзина 3-годишна возраст, а постојано се надградува со нови искуства, бидејќи таа има огромен репертоар и настапува не само како соло изведувач, туку и со други артисти низ целиот свет.
„Огнениот, но елегантен стил ја натера публиката ширум светот да се заљуби во нејзината музика. Душите на инструментите оживуваат во рацете на Хели и допираат до слушателите на влијателен начин. Така ќе биде и вечерва, на оваа сцена, во звуците на тангото, од нејзината хармоника“ – со овие зборови Љубица Ангелкова ја најави талентираната Хели.
Сиекинен настапи со Камерниот оркестар на Битола под диригентство на Владимир Димовски и специјалната гостинка Марија Димитријевиќ.
Видео „Boy From Ipanema“
Фестивалот утре продолжува со концертот на Јелена Томашевиќ, а за во недела е закажан настап на оркестарот „Џамбо Агушеви“.
Фото: Ивона Кочов / Femina.mk