Корицата на августовското издание на тинејџерскиот Вог ќе ја краси талентираната Тејлор Свифт. 21-годишната пејачка направи цветен, романтичен и винтиџ едиторијал, а во интервју за списанието отворено зборуваше за нејзините пријатели, модните икони и својот стил.
Свифт признала дека се чувствува благословена што има многу пријатели и луѓе на кои може да се потпре: „Сите мои пријатели имаат различна професија – некои од нив ги гледам на манифестации за доделување на награди, некои кога ќе се вратат од колеџ, некои се во мојот бенд! Многу сум среќна што имам толку многу луѓе кои ги сакам и на кои им верувам“.
На прашањето што би била ако не беше пејачка и текстописец, Тејлор одговорила: „Би правела нешто што е креативно, поврзано со идеи, како смислување на рекламни кампањи или пишување романи. Или би работела со деца!“.
Во главата на Тејлор поимот модни икони го заслужуваат Грејс Кели и Џеки Кенеди, а од современите познати личности ѝ се допаѓа стилот на Никол Кидман и Шанаја Твејн.
Својот стил Тејлор го опиша како младешки, женствен, ретро и винтиџ и призна дека сака да експериментира со облека што потсетува на модата од 60-тите.