Списанието Forbes ја објави листата на најплатени парови за изминатава година и очекувано на врвот се најдоа Бијонсе и Џеј Зи.
Музичкиот пар, кој го задржа водството од минатата година, во периодот од јуни 2012 до јуни 2013 ги наполнил своите банкарски сметки со вкупно 95 милиони долари. За зголемувањето на семејното богатство повеќе придонела Бијонсе. 32-годишната пејачка заработила 11 милиони долари повеќе од Џеј Зи, благодарение на успешната турнеја „Mrs. Carter“, која во просек ѝ носела по 2 милиони долари за секое шоу.
Џеј Зи од своја страна најмногу заработил од успехот на албумот „Watch the Throne“ и светската турнеја која му го полнела џебот со 1,4 милиони долари за секој концерт. Освен тоа, тој поседува и спортска менаџерска агенција „Roc Nation Sports“.
Жизел Бундхен и Том Брејди со заработка од 80 милиони долари го задржаа ланското второ место. Како најплатен модел на светот, Жизел заработила 42 милиони долари од својата еко козметичка компанија Sejaa и од профитабилните договори со компании како Pantene, Oral-B и Sky HDTV. Освен тоа, таа поседува дел од познатата бразилска компанија за обувки Grendane, а е заштитно лице на H&M и David Yurman.
Спортистот Брејди освен од договорот со New England Patriots, добро заработува и од маркетинг договори со компании како Uggs и Under Armor.
Анџелина Џоли и Бред Пит го зголемиле своето богатство со 50 милиони долари, благодарение на филмските проекти. За најновиот филм на Дизни, „Maleficent“, кој ќе ја доживее својата премиера следната година, Џоли добила 15 милиони долари. Освен како актер, Бред изминатава година добро заработи и како модел. За да стане заштитно лице на женскиот парфем Chanel N°5, 49-годишниот актер доби 7 милиони долари.
Ештон Кучер и Мила Кунис вкупно заработиле 35 милиони долари. Ештон стана најплатен ТВ актер по своето вклучување во серијата „Two and a Half Men“, додека Кунис заработува од филмски хитови како „Oz The Great and Powerful“.
Ким Кардашијан и Кание Вест имаат вкупна заработка од 30 милиони долари. 32-годишната бринета „складирала“ 10 милиони долари. Вест заработил двапати повеќе благодарение на успешната музичка кариера.