Сара Џесика Паркер е лицето од насловната страница на британското издание на списанието „Harper’s Bazaar“. 48-годишната актерка, која долги години го популаризираше ликот Кери Бредшо на телевизиските екрани, со широка насмевка позираше за корицата на списанието во креација од Луј Витон.
Зад фотографиите од модниот едиторијал стои познатиот фотограф Алекси Љубомирски, а на нив Паркер носи креации од Валентино, Диор, Долче и Габана и Џејсон Ву.
Во интервјуто за списанието холивудската ѕвезда зборувала за славата, бракот со актерот Метју Бродерик и гардеробата.
За славата: Никогаш не сакав да бидам славна. Но, не би го променила тоа. Не е толку тешко да бидеш почитуван и да се однесуваш пристојно. Не читам сѐ. Не го пребарувам моето име на Google. Љубопитна сум за сѐ, освен за тоа што велат луѓето за мене.
За својот плакар: Не купувам многу. Имам мал плакар. Во неред е! Изгледа добро на прв поглед, но работите се напикани во секој агол. Кога доаѓаат пријатели, ми велат: „Но, јас имам повеќе облека од тебе.“
За тајната на 16-годишниот брак со Метју Бродерик: Брус Палтроу (таткото на Гвинет) имаше добар цитат. Некој го праша како останал во брак по толку многу години и тој му одговори: „Ние никогаш не сакавме да се разведеме во исто време.“ Сега сите ќе помислат дека имаше период во кој ние сакавме да се разведеме. Но, остануваш во брак затоа што сакаш да си таму, и покрај сѐ.
Сара Џесика Паркер моментално активно ја промовира својата нова колекција обувки од линијата „SJP“.