Почетна » Новости » Шоу-бизнис » ФОТО: Доделувањето на наградите на затворањето на „Браќа Манаки 2024“

ФОТО: Доделувањето на наградите на затворањето на „Браќа Манаки 2024“

Битола седум дена живееше во духот на филмот, а синоќа, со свечена церемонија беше означен крајот на 45-тото издание на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“.

На последниот ден беа доделени главните награди „Камера 300“, како и неколку специјални награди коишто се доделуваат за првпат во рамките на најстариот фестивал кој ја слави работата на кинематограферите.

Водителка беше Миланка Рашиќ, а манифестацијата ја отвори директорот Симеон Мони Дамевски со краток говор во кој им се заблагодари на сите кои беа дел од Фестивалот.

Браќа Манаки Браќа Манаки Браќа Манаки

Наградата „Златна камера 300“ годинава жирито ѝ ја додели на кинематограферката Џудит Кауфман за филмот „Наставничка канцеларија“.

Статуетката „Сребрена камера 300“ ја освои Ранабир Дас за филмот „Сè што замислуваме како светлина“, за кој жирито рече дека станува збор за мошне иновативна и интересна презентација на кинематографијата.

„Бронзена камера 300“ ја доби Расмус Видебек за филмот „Ветена земја“, за неговото мајсторско толкување на денешницата.

Жирито кое одлучуваше за филмовите во главната селекција го сочинуваа: австралијанскиот кинематографер Џон Сил, претседател на жирито, француската кинематограферка Ањес Годар, турскиот кинематографер Џевахир Шахин, исландската кинематограферка Биргит Гудјонсдотир и македонскиот режисер и сценарист Владимир Блажевски.

„Ова беше многу тешка одлука. Сите филмови беа со многу интересна фотографија поради што многу ни беше тешко да одлучиме“ – рекоа од жирито.

Браќа Манаки Браќа Манаки Браќа Манаки

Посебно признание во главната селекција му е доделено на Пабло Лозано за филмот „Хроники на една скитничка светица“.

Пабло Лозано, од сцената на Центарот за култура во Битола се заблагодари за можноста да биде дел од Фестивалот „Браќа Манаки“ и упати благодарност до својот тим со кој работеше на филмот.

Наградата му ја врачи министерот за култура, Зоран Љутков.

Браќа Манаки Браќа Манаки

Жирито во состав: Ненси Шрајбер претседателка на жирито и американска кинематограферка, Уна Менгес, британска кинематограферка и Ѓорѓи Клинчаров, македонски кинематографер, одлучуваше и за студентските филмови и за најдобра ја прогласи работата на Марго Бесон во филмот „Ананси“.

„Овој софистициран филм е исклучително успешен со својата естетска и искрена приказна. Кинематограферот покажува голема вештина, емпатија и чувствителност, без да наметне его“ - стои во одлуката на жирито.

Посебно признание доби Кинан Масарани за филмот „Добро момче“ во кој според нив „фотографијата комбинира техничка извонредност и сочувствителна камера што директно ја воведе публиката во филмот“.

Браќа Манаки

За документарниот филм секогаш е голем предизвик да открие непозната димензија. За наградата Железна камера 300 за документарен филм одлучуваше жирито во состав: Куршат Уресин e во состав – претседател на жирито, турски кинематографер Јани Петери Паси, фински кинематографер и Нурија Ролдос, шпанска кинематограферка.

Железна камера 300 жирито ја додели на Хатем Нечи за филмот „Најголемата лага“.

Браќа Манаки

„Голема чест ми е да го наградам овој документарен филм. Режисерката покажа огромна храброст ставајќи се себеси и своето семејство во центарот на вниманието за да раскаже приказна и да ги излечи раните што ја мачат нејзината фамилија повеќе од четириесет години“ - рече Нурија Ролдос.

Филмскиот фестивал Браќа Манаки ја воведе престижната награда Trailblazer Award, со која се чествуваат личности кои не само што се истакнале во својата уметност, туку и отвориле нови патишта за идните генерации.

Вчера, на церемонијата на затворање на 45. ИФФК Браќа Манаки, првата Trailblazer Award спонзорирана од Shotdeck, беше доделена на Ненси Шрајбер, ASC.

Импресивната кариера на Шрајбер опфаќа децении, придонесувајќи кон некои од визуелно највпечатливите проекти, особено во независниот филмски сектор. Како една од првите жени кои се приклучија на American Society of Cinematographers, Шрајбер беше водечка сила во предизвикувањето на индустриските норми и застапувањето за инклузија на различности.

Браќа Манаки Браќа Манаки

Во насока на понатамошно чествување на колаборативниот дух на филмската уметност, на вчерашната церемонија на затворање на 45. ИФФК „Браќа Манаки” беше доделена првата Creative Synergy Award спонзориранa од SUMOLIGHT GmbH. Оваа нова награда, која ќе стане традиција од ова 45. издание, ја слави синергијата помеѓу светлото и камерата, односно соработката помеѓу директорот на фотографија и светло мајсторот, препознавајќи го влијанието што ова партнерство го има врз визуелното раскажување. Првата Creative Synergy Award им беше доделена на Алис Брукс, ASB и светло мајсторот Дејв Смит за нивната извонредна работа на продукцијата на „Wicked”. Нивната беспрекорна соработка донесе живописен, магичен свет од Оз на екран, демонстрирајќи ја моќта на споделена визија.

Браќа Манаки Браќа Манаки Браќа Манаки

Во рамките на Европската Ло-Кап програма наградата ја доби Витаутас Каткус за филмот „Токсичен“, кој во голема мера го импресионираше жирито.

„Овој победнички филм плени со своето веродостојно, но сепак возвишено визуелно раскажување, и иако неговиот свет можеби изгледа мрачен, авторите пронајдоа и убаво ги прикажаа позитивните моменти. Убавината на филмот доаѓа не само од неговата естетика, туку и од емпатичниот поглед кон ликовите и срцето на наративот“ – рече жирито.

Браќа Манаки Браќа Манаки

Последната вечер од фестивалот беше резервирана за премиерата на македонскиот филм „Убијте ги прво децата“ на режисерот Димитар Оровчанец.

Фото: Ивона Кочов / Александар Василевски / Femina.mk

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19758 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.