Најголемиот и најмладиот обожавател на Викторија Бекам седеа во првиот ред на нејзината ревија одржана во рамките на Њујоршката недела на модата.
Додека 39-годишната дизајнерка ја презентираше колекцијата пролет/лето 2014, Дејвид и малата Харпер Севен привлекуваа погледи со своето присуство. Слаткото девојче измами насмевки и од строгата уредничка на „Вог“, Ана Винтур.
По завршувањето на модното шоу, Викторија имаше причина за прослава – критичарите се согласија дека ова е нејзината најсилна колекција досега.
Новата колекција на Викторија го одразува нејзиниот личен стил на облекување – едноставен и минималистички. Тесните фустани со кои таа настапи на модната сцена останаа во минатото, а на преден план застанаа поопуштени силуети и модели кои го споија машкиот и женскиот свет.
„Проучувањето на нови пропорции ми дозволи да ја доразвијам мојата силуета и поставив момчешки елементи на основа на чувството за женственост...“ – пишува во белешките на Бекам.
Урбани бермуди, долги сакоа без ракави, туники и кратки фустанчиња со плисирани детали ја одбележаа колекцијата во лимитирана палета која вклучуваше црна, бела, сива, циклама и бордо боја.