Џесика Алба ги отвори вратите од својот прв дом за оние кои сакаат барем накратко да уживаат во него. Привлечната актерка не сакаше да се збогува со домот во Лос Анџелес, па ангажираше тим од дизајнери кои го претворија во луксузна куќа за изнајмување.
„Откако ја купив куќата кога бев помлада, речиси сè што ќе заработев го вложував таму, па приврзана сум кон неа“ – рекла 33-годишната актерка за Domaine.
Идејата на Алба била да создаде микс од хотелска и домашна атмосфера. „Многу патувам и ако имаше некаде куќа како мојата во која да можам да престојувам наместо во хотел, би останала во таа куќа. Идејата ми е да привлечам некој кој патува и сака удобно, но истовремено и луксузно и безбедно место за престој“ – додала таа.
Ако се земе предвид фактот што компанијата на Алба е насочена кон еколошки бебешки производи, не е изненадување што таа инсистирала куќата да биде уредена со еко производи. Тоа всушност бил и најголем предизвик за дизајнерите.