Билјана Биља Крстиќ со емоции пееше на втората вечер на Фестивалот на музика од светот. 66-годишната српска музичарка заедно со Камерниот оркестар на Битола, со кој раководи диригентот Владимир Димовски, исполни редица свои дела, а и покажа дека е обожавателка на македонската музика.
На огромна радост на присутните, познатата пејачка ги поздрави со „Битола мој роден крај“.
„Татко ми беше железничар и знаеше често да ја запее оваа песна. Дојде ден и јас да ја запеам на концертна сцена. Колку ќе бев среќна да беше жив и да го знаеше ова. Го прошетав целиот свет, сум пеела од Далечниот Исток до Јужна Америка, но ете прв пат сум во Битола” – изјави Крстиќ.
Специјална гостинка на концертот беше Елена Андоновска.
Вечерва, на последниот ден од Фестивалот, ќе одекнат македонски евергрини во изведба на Бојан Стојков, Димитар Андоновски, Јасна Димитровска, Зарина Прва Севда, Тамара Стојковска и Нико Ѓоргиевски на концертот на Битолскиот дувачки оркестар.