Анџелина Џоли ги посети децата-бегалци од Сирија кои ги изгубиле своите родители и биле принудени да избегаат во Либан. Во улога на амбасадор на канцеларијата на високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР), познатата актерка се сретнала со децата од камп во близина на Захле, Либан.
„Тие ги изгубиле своите семејства, а војната им го одзела детството. Тие се толку млади, а сепак го носат товарот на својата реалност како да се возрасни“ – рекла Џоли.
Либан, најмалиот сосед на Сирија, досега има примено најголем број на бегалци. Моментално во Либан престојуваат околу милион бегалци од конфликтот во Сирија, меѓу кои најмногубројни се жените и децата.
„Гостопримливоста и солидарноста кои ги покажаа Либан и Либанците кон своите соседи служи како пример за светот и за тоа сите треба да им сме благодарни“ – рекла Џоли.
За време на тридневната посета на Либан, 38-годишната холивудска ѕвезда во Бејрут се сретнала и со либанскиот премиер Тамам Салам.