Јулија Шнајдер победи на овогодинешниот натпревар „Elite Model Look“. 15-годишната Швеѓанка беше прогласена за победничка вчера во Шангај.
И додека некои го поздравија изборот на младата русокоса, други ги истурија своите критики поради нејзината преслаба фигура.
Иако Јулија најверојатно е слаба поради возраста, гените и долгогодишното занимавање со хокеј на мраз, се смета дека нејзиното појавување во рекламни кампањи ќе ги поттикне младите девојки во светот да го негуваат таквиот слаб изглед.
„Швеѓанката Јулија Шнајдер изгледа повеќе како модел на анорексија, а не како стилски модел кој модната индустрија треба да го стави на пиедестал како стандард за споредување... Скелетите се наменети за да скокаат од плакарите, а не на модните писти. Зошто само на машките модели им е дозволено да имаат возрасна форма на телото?“ – пишува критички настроена блогерка.
Elite Model Look е еден од најпрестижните натпревари за убавина, чија цел е да пронајде нови модели и да им помогне да се пробијат во светот на модата.
Само пред неколку дена „Вог“ Италија собра огромни критики поради објавувањето на фотографија од Карли Клос на која нејзиното тело изгледа преслабо.
Фотографијата на левата страна беше отстранета од сајтот на Вог, а денес стана јасно дека токму таа фотографија се користи на сајтови за анорексија кои ги поттикнуваат девојките да се изгладнуваат.