Линда Еванџелиста е ѕвездата која ја краси насловната страница на септемвриското издание на „Вог“.
За модната библија, 57-годишниот поранешен супермодел позираше во креации од врвни брендови и повторно зборуваше за козметичкиот третман кој ѝ ги деформираше телото и лицето.
Познатата Канаѓанка призна дека за фотосесијата лицето и вратот ѝ биле затегнати со помош на ленти и ластици, за да изгледа како што изгледала пред естетската процедура.
„Овие не се моите врат и вилица во реалноста, но не можам да се шетам насекаде со траки. Знаете, се обидувам да се сакам себеси онаква каква што сум, но за фотографиите... сметам дека ние сме тука да создаваме фантазии. Ние создаваме соништа. Па, мислам дека е дозволено. Сите мои несигурности се скриени на овие фотографии, па вака можам да го работам она што го сакам“ – открива Линда.
Третманот CoolSculpting ветува намалување на масните клетки во телото, но во случајот на Линда, третманот резултирал со редок страничен ефект (Парадоксална масна хиперплазија) и ѝ ги зголемил мастите во телото.
„Ако знаев дека страничните ефекти може да значат дека ќе ја изгубиш смислата за живот и ќе станеш толку депресивна што ќе се мразиш себеси, никогаш немаше да го преземам тој ризик“ – додала Линда.
Линда сподели и дека се има обидено да си го врати телото со помош на две липосукции. „Имам засеци по целото тело. Имав конци, носев облека за компресија под брадата, целото тело ми беше цврсто стегнато осум недели и ништо не помогна“ – рекла Еванџелиста и признала дека била толку очајна што престанала да јаде.
„Бев толку засрамена, штотуку ги потрошив сите тие пари и единствениот начин на кој можев да помислам да го поправам тоа што се случи, беше со внесување нула калории и затоа пиев само вода. Понекогаш ќе каснев целер или едно јаболко. Го губев умот“ – рекла таа.
„Дали сега сум излекувана ментално? Апсолутно не. Но, благодарна сум за поддршката што ја добив од пријателите и од мојата индустрија“ – изјавила Линда и додала дека сè уште не може да се погледне во огледало, ниту пак може да поднесе некој да ѝ го допира телото.