Ник Картер поднесе контратужба за Мелиса Шуман, која го обвини дека ја силувал во 2003 година.
44-годишниот пејач од Backstreet Boys ги отфрли обвинувањата на 39-годишната пејачка и сега ја тужи за клевета. Тој бара оштета од 2,5 милиони долари.
Мелиса поднесе тужба за сексуален напад против Ник во април 2023 година. Според поднесените документи, тој ја поканил во неговиот апартман во Санта Моника по снимањето на нивниот заеднички трилер „The Hollow“ во 2003 година, ѝ дал седатив и ја силувал. Тој имал 22 години, а таа само 18.
Ник инсистира дека нивниот сексуален однос бил со взаемна согласност и дека нејзините тврдења биле за таа да си ја оживее кариерата, да му наштети на неговата репутација и да ги попречи неговите бизнис можности и договори.
„Додека бевме заедно, Мелиса никогаш не ми кажа дека нешто од она што го правевме не е со взаемна согласност“ - изјави тогаш тој.
Мелиса не е единствената девојка која го има обвинето Ник за силување. Во декември 2022 година, Шенон Рут, која има аутизам и церебрална парализа, јавно сподели дека во 2001 година, додека сè уште била малолетна, Ник ја силувал во автобусот за турнеја. Тој ги отфрли и овие обвинувања.