Славењето на новогодишните празници се чека со нетрпение и голема еуфорија. Понесени од атмосферата, многу често, особено децата и адолесцентите при славењето користат пиротехнички материјали.
Употребата на пиротехнички материјали од запаллив тип како петарди и огномети може да доведат до сериозни негативни здравствени последици. Можеби огнометите се атрактивни за гледање, но тие можат да бидат смртоносни кога се погрешно ракувани или злоупотребени, а се воедно и штетни за животната средина.
За сите опасности прочитајте повеќе од текстот на д-р Илина Гаџевска-Томулевска – супспецијалист по пластична и реконструктивна хирургија од Клиничката болница Жан Митрев.

И покрај сите обиди да се крене свеста кај граѓаните, повредите поврзани со употребата на пиротехнички материјали остануваат да бидат чести претворајќи многу прослави и весели моменти во непосакувана хоспитализација заради настанатите повреди и во најлош случај траен инвалидитет, па дури и несакан смртен исход.
Деловите од телото кои најчесто се повредуваат со употребата на пиротехнички материјали се рацете и прстите. Но не ретко страдаат и главата, лицето, ушите и очите. Изгорениците се најчестиот тип на повреда, но секако не се исклучени и други повреди од експлозијата која настанува при употреба на овие пиротехнички материјали.

Светлите бои во огнометот се создадени од прашкасти метални соли што производителите на пиротехнички средства ги додаваат на експлозивните огнометни школки. Бакарот произведува сина боја, бариумот дава зелена, а стронциумот ја создава црвената боја. Магнезиумот во прав обезбедува интензивно светли блесоци на бело – всушност, магнезиумот гори толку силно, што се користи и во воени светлечки блесоци.
А многу често во нив се наоѓа олово и други забранети хемиски супстанции. Чадот од употребата на пиротехнички материјали придонесува за загадувањето на воздухот. Азотот и сулфурот, кои се користат за создавање боја и специјални ефекти, можат да стапат во интеракција со кислородот и да формираат азотни и сулфурни киселини кои се многу тешки за белите дробови.

Затоа бидете одговорни, празнувајте безбедно вие и вашите најблиски. Доколку сепак се појави потреба од лекарска грижа нашиот ургентен центар работи секој ден без исклучок 24/7. 02/3091-484