По добиените 10 номинации, се очекуваше дека Еминем ќе биде големиот победник на овогодинешното доделување на Греми наградите. Но, Еминем доби само 2 награди на синоќешната манифестацијата која донесе многу изненадувања, а најпосакуваните трофеи ги добија групите Lady Antebellum и Arcade Fire.
Кантри групата Lady Antebellum победи во 5 од шесте категории во кои беше номинирана. Нивниот хит „Need You Now“ им ја донесе наградата на Песна на годината, Аудио запис на годината и Најдобра кантри песна, а триото ги доби и наградите за Најдобар кантри албум и Најдобра кантри изведба од дуо или група.
Најпосакуваниот Златен грамофон за Албум на годината, на огромно изненадување на присутните и на гледачите, отиде во рацете на групата Arcade Fire.
Па така, Еминем остана само со два трофеја на 53-тото по ред доделување на Греми наградите и тоа за Најдобар рап албум и Најдобра рап соло изведба.
Другото изненадување на вечерта беше прогласувањето на Есперанца Спалдинг за Најдобар нов изведувач. Младата џез пејачка успеа да ги победи Џастин Бибер и Дрејк, кои беа номинирани во истата категорија, и со тоа предизвика бес кај обожавателите на 16-годишниот тинејџер. Веднаш по прогласувањето на победниците, веб страницата на Есперанца на Wikipedia била нападната од обожаватели на Бибер кои оставиле непристојни коментари и забелешки.
Лејди Гага однесе дома три награди, меѓу кои за Најдобра женска поп вокална изведба за „Bad Romance“ и Најдобар поп албум за „The Fame Monster“.
Бруно Марс, кој имаше вкупно 7 номинации, доби Златен грамофон за Најдобра машка поп вокална изведба.
На свечената манифестација настапија голем број на музички ѕвезди, меѓу кои и Ријана, Еминем, Дрејк, Кристина Агилера, Џенифер Хадсон, Џастин Бибер, Кети Пери, Лејди Гага, Ашер, Мик Џегер, Боб Дилан, Барбара Стрејсенд и Гвинет Палтроу.