Поранешната прва дама на САД, Мишел Обама, ги изненади присутните на Греми 2019 со неочекуваното појавување на сцената во „Стејплс центарот“ во Лос Анџелес.
55-годишната сопруга на Барак Обама буквално блесна во светкава комбинација од Sachin & Babi покрај водителката Алиша Кис, Лејди Гага, Џенифер Лопез и Џејда Пинкет Смит.
Петте дами одржаа говори во кои ја истакнаа и прославија важноста на музиката.
„Музиката секогаш ми помагаше да ја раскажам мојата приказна. И знам дека тоа е така за сите присутни тука. Без разлика дали сакаме кантри, или рап или рок, музиката ни помага да се изразуваме себеси – нашето достоинство и тага, нашите надежи и радости. Ни дозволува да се слушаме еден со друг, да ги каниме другите во себе. Музиката ни покажува дека сето тоа е важно, секоjа приказна во секој глас, секоја нота во секоја песна, дали сум во право дами?“ – рече Мишел во својот говор.
Видео
Подоцна таа сподели заедничка фотографија на социјалните мрежи и истакна дека ѝ било чест да биде покрај Алиша Кис, која ја смета за една од најискрените и најгрижливи личности кои ги познава.