Каролина Гочева, Дуке Бојаџиев и Исмаил Лумановски ја одведоа публиката на незаборавно патување на синоќешниот концерт во Македонската филхармонија.
Тројцата врвни музичари ги разгалуваа емоциите на присутните со изведбите на 11-те музички дела од нивниот заеднички албум „Песни за љубов и копнеж“.
Албумот ,,Песни за љубов и копнеж” се состои од 11 од најубавите, малку подзаборавени македонски композиции од втората половина на 20-тиот век, која се смета за златната ера на македонската забавна музика. Истите се потпишани од едни од нашите најмаркантни автори: Драган Ѓаконовски Шпато, Димитар Масевски, Тодор Бојаџиев и Љубомир Бранѓолица.
Каролина, Дуке и Исмаил се догогодишни соработници. Идејата за овој албум се родила во 2016 година, по што внимателно работеле на неговиот концепт, изборот на композициите и создавање нови аранжмани, со фокус на тоа да им се даде „нов живот” на дел од најубавите песни на домашната музика.
Ова беше првиот од петте концерти кои ќе ги одржат Каролина, Дуке и Исмаил во Филхармонија.
Фотографии: Александар Буневски / Femina.mk