Популарноста на Лејди Гага како да нема граници. Екстравагантната пејачка постави уште еден рекорд – доби рекорден број на номинации за MTV видео музичките награди.
Таа успеа да биде номинирана во 13 категории и со тоа стана првиот изведувач во историјата што добил толку номинации во текот на една иста година.
24-годишната пејачка е номинирана за Најдобро поп видео, Најдобро денс музичко видео, Најдобро видео на женски изведувач и Најдобра кореографија за нејзиниот сингл Bad Romance.
Исто така, таа е номинирана и за Најдобра соработка за нејзината соработка со Бијонсе за хитот Telephone. Интересното е што и спотот на Bad Romance и оној на Telephone се истовремено номинирани и за Најдобра кореографија и за Видео на годината.
Во категоријата Најдобра кореографија, Лејди Гага има дури 3 од 5 номинации за спотовите Bad Romance, Telephone и Video Phone.
Според бројот на номинации, зад Лејди Гага успеа да застане Еминем, којшто има 8 номинации, меѓу кои за Најдобро видео на машки изведувач и Видео на годината за Not Afraid.
Манифестацијата за доделувањето на Видео музичките награди на MTV ќе се одржи во Лос Анџелес на 12 септември.