Легендарниот режисер и актер Квентин Тарантино беше почестен со ѕвезда на Холивудската патека на славните за долгогодишната работа во филмската индустрија.
На церемонијата во Лос Анџелес, нему му беше доделена 2.569-тата ѕвезда и тој конечно го зазеде своето место помеѓу најуспешните во шоу-бизнисот кои досега добиле вакво признание.
„Многу сум среќен што ќе имам своја ѕвезда на Патеката на славните со сите други луѓе кои завршија одлична работа во овој град“ – рекол Квентин во својот говор.
52-годишниот режисер беше придружуван од екипата на неговиот најнов филмски проект „The Hateful Eight“.
„Inglourious Basterds“, „Pulp Fiction“, „Django Unchained“ и „Reservoir Dogs“ се меѓу најпознатите дела на Тарантино. Новиот филм „The Hateful Eight“ ќе биде прикажуван во кино салите на 7 јануари следната година.
Тарантино ја доби поддршката и од актерот Семјуел Л. Џексон, со кого има соработувано за повеќе филмови низ годините.