Повеќе славни личности од Македонија се вклучија во кампањата против семејното насилство на Avon. Каролина Гочева и Викторија Лоба се меѓу учесниците во кампањата „Проговори против семејното насилство“.
На своите профили на Facebook, познатите пејачки си објавија фотографии од кампањата на кои позираат со покриена уста, а заедно со нив, споделија и постови со кои целат да ја подигнат свеста за психолошкото, физичкото, економското и сексуалното малтретирање на жените.
„Семејното насилство е исклучително чувствителна тема и можеби најчесто премолчуваниот проблем во општеството. Може да биде психолошко, физичко, економско или сексуално по природа. Инцидентите често ескалираат во фреквенција и бруталност и обично во раните фази жртвата може и да не е свесна дека е дел од насилна врска, а и тогаш кога ќе ја согледа вистинската ситуација, многу тешко се решава да замине најмногу поради конзервативните ставови во општеството во кое живееме.
Препознавањето на насилството е првиот чекор во преземањето на соодветни мерки. Споделете ги овие информации денес, за сите заедно да ја зголемиме свесноста за семејното насилство“ – стои во објавата на Гочева.
„Случаите на семејно насилство од година во година бележат пораст и имаат тенденција на повторување повеќе од кој било друг криминал“ – напиша Лоба.
Музичките ѕвезди заедно со други познати личности од нашата држава учествуваа и во видео во кое ги потенцираат страшните факти за овој проблем.