Дублерот на Вин Дизел е во вештачка кома во болница поради пад додека снимал сцени за „Fast & Furious 9“ во Велика Британија. Снимањето на филмот засега е прекинато.
Џо Ватс паднал на главата од височина од околу 10 метри, изведувајќи каскадерска сцена на местото на 52-годишниот актер, кој наводно бил присутен на местото на несреќата. Каскадерот бил пренесен со хеликоптер во болница.
Според информациите во странските медиуми, до инцидентот дошло откако се скинал кабелот за безбедност кога каскадерот скокнал од балкон. Полицијата е на местото на несреќата и спроведува истрага за да ја утврди точната причина.
„Каскадерот падна од височина од десетина метри, можеби и повеќе. Вин Дизел пристигна на местото по неколку секунди. Тој беше блед, целосно во шок и едвај ги задржуваше солзите. Тој виде што се случи“ – рекол очевидец за The Sun.
Ватс има работено и на други филмови и серии како „Game of Thrones“, „Kingsman: the Golden Circle“ и „Spider-Man: Far From Home“. Тој има свршеница, која исто така работи како каскадер.
„Fast & Furious 9“ планирано е да започне да се прикажува во киносалите во мај следната година.