Дали „The Revenant“ конечно ќе му донесе Оскар на Леонардо Дикаприо? Не се знае. Но, едно е сигурно – новиот филм ќе му даде огромна предност на популарниот актер во трката по престижната награда.
Денес беше објавено првото видео кое го најавува филмот „The Revenant“, сниман под режисерската палка на брилијантниот Алехандро Гонзалес Ињариту.
Филмот е инспириран од вистински настани, а го следи Хју Глас (Леонардо), кој е напуштен од своите пријатели откако е лошо ранет од мечка. Тој ќе успее да преживее во американската дивина и обземен од длабока тага поради предавството од страна на неговиот верен пријател Џон Фицџералд (Том Харди), ќе тргне на патување за да се одмазди.
Премиерата е закажана за 9 јануари 2016 година.