Мадона настапи првпат по 20 години за време на доделувањето на Британските музички награди. Но, уште на почетокот на песната „Living for Love“, кралицата на поп-музиката падна поради проблем со огромната наметка.
56-годишната ѕвезда се појави на сцената со драматична наметка од Армани. Идејата била уште на почетокот на настапот таа да ја одврзе наметката и еден од танчарите силно да ја повлече. Сепак, наметката била врзана премногу цврсто и Мадона не успеа да ја одврзе навреме, па кога танчарот ја повлече наметката, славната пејачка летна преку неколку скали и падна на сцената.
На Мадона ѝ беа потребни само неколку секунди за да се соземе и како вистински професионалец да го продолжи настапот.
„Мојата прекрасна наметка беше врзана премногу цврсто! Но, ништо не може да ме запре, а љубовта навистина ме подигна! Ви благодарам за убавите желби! Добро сум!“ – напиша Мадона на Instagram.