„See You Again“ од саундтракот на филмот „Furious 7“, веќе пет недели доминира на листата „Hot 100“, па заслужено се најде меѓу песните изведувани за време на Billboard Music Awards.
Виз Калифа, Чарли Пут и познатата виолинистка Линдзи Стирлинг настапија со хитот посветен на прерано починатиот актер Пол Вокер.
Емотивниот настап го започна Чарли, насолзувајќи многу очи, а подоцна му се придружија и 27-годишниот рапер и Стирлинг. На крајот од изведбата, во позадина течеа и кадри од филмот „Furious 7“, во чие снимање учествуваше Вокер пред смртта. Се разбира, аплаузите беа громогласни.
Спотот за „See You Again“ беше објавен во април годинава и досега има повеќе од 270 милиони прегледувања на YouTube.
Пол Вокер го изгуби животот во сообраќајна несреќа во ноември 2013 година, на 40-годишна возраст.