Били Кристал ќе ја преземе улогата на водител на свеченото доделување на Оскарите, откако Еди Марфи се откажа.
63-годишниот комичар им се обратил на своите следбеници на Twitter за да им ја соопшти новоста. „Ќе ги водам Оскарите за младата жена во аптеката да престане да ме прашува како се викам кога одам да си ги земам лековите. Со нетрпение го очекувам шоуто“ – напишал Кристал.
Били Кристал досега ги водел Оскарите осум пати. „Некои од најдобрите моменти во мојата кариера се случија на сцената на Оскарите. Пресреќен сум што ќе се вратам таму“ – изјавил преку соопштение Кристал.
Еди Марфи се откажа од улогата на домаќин во знак на поддршка на продуцентот Брет Ратнер, кој минатата недела се повлече од функцијата поради изречени навредливи коментари кон луѓето со хомосексуална ориентација.
Доделувањето на Оскарите ќе се одржи на 26 февруари 2012 година во Кодак театарот во Лос Анџелес.