Едина Муса не престанува да тренира со тегови и во последниот триместар од бременоста и споделува дека тоа за неа има многу бенефиции.
33-годишната македонска кошаркарка, која минатиот месец стапи во брак со Александар Димитровски-Мачка, покажа дел од своите тренинзи во видео на Instagram. Благодарение на вежбањето, Едина вели дека се чувствува одлично и дека никогаш не се соочила со негативните страни на бременоста како задишаност, главоболка, отечени зглобови, болки во карлица и слично.
8-ми месец од бременост, и кога ќе ме прашаат како се чувствувам, најчесто мојот одговор е дека поголемиот дел од времето и заборавам дека сум трудна, односно не ми претставува никакви потешкотии. Мислам дека, голем удел во сето тоа има фактот што никогаш не престанав да вежбам, и дека иако тренинзите ми се модифицирани, и често го слушам своето тело, гледам никогаш да не се залежам и останам без физичка активност. Не е секогаш лесно, бидејќи не секогаш имам толку многу енергија и не сум баш секогаш мотивирана за тренинг, но 3 пати неделно може да се извежба без никаков изговор.
Ги читам симптомите за бременост и со што сè се соочуваат поголемиот дел од трудниците, ова се неколку за кои можам да кажам дека до сега не сум ги почувствувала:
- Губење здив
- Главоболка
- Задишаност
- Констипација
- Хемороиди
- Отечени зглобови и стапала
- Болки во пределот на колковите и карлицата
- Проблеми со спиење
Истовремено со сигурност тврдам дека вежбањето во бременост и тоа како ја намалува анксиозноста и го подобрува сонот. Барем од мое лично искуство секогаш ми помогнало. Хормоните си го прават своето и вистина е дека во бременост сме многу почувствителни и се нè иритира, но вежбањето проследено со добар и доволен одмор како и здравото исхранување и тоа како помага при намалување на овие несакани чувства.
„Едвај чекам да се вратам во форма. Лето 2025 подготвена сум за тебе“ – напиша таа на Instagram Story.
Едина и Александар стапија во брак на крајот од ноември оваа година. Тие го очекуваат првото заедничко дете. Тој има уште две деца од бракот со бившата Тамара Тодевска.